Премиерот најави дека МВР следи неколку случаи за барање мито во државни институции
МВР следи неколку случаи за барање мито во државни институции соопшти Премиерот. Тој не откри во кои сектори им биле барани пари на граѓани.
-Следиме уште неколку случаи на корупција во институциите и чекаме и тоа, да го земат тоа што го побарале од граѓаните. Ги повикувам граѓаните да пријавуваат! Има пријави на неколку случаи во институции, рече Христијан Мицкоски, Премиер.
За една недела во јавноста беа обелоденети два случаи на системска корупција, помошник директор на сектор во Царина е фатен со 17.500 евра. Откако го зел поткупот со автомобил тргнал кон Тетово и притоа удрил во полициско возило и полицаец кој се обидел да го сопре.
Потоа се дал во бегство, а преку совозачкиот прозорец исфрлил машка ташна во која се наоѓале парите, соопштија од МВР.
Претходно во притвор заврши и возачот на владиниот генерален секретар Јанушев зошто побарал 1.500 евра за да заврши работа за вработување во скопската пожарна.
За искоренување на системската корупција Премиерот Мицкоски најави и проект со Транспаренси интернеш и телефонска линија на која граѓаните ќе можат да пријават ако некој службеник им бара мито.
Од друга страна од опозициската СДСМ обвинуваат дека судството е под контрола на власта.
Мицкоски јавно им делеше задачи на обвинители и судии од собраниската говорница, преку телевизија и преку телефон.Европската комисија во својот најнов извештај јасно нотира мешање во судството и обвинителството, отсуство на реформи, широко распространета корупција и проблематични јавни набавки.
Нема систем. Христијан Мицкоски е и обвинител и судија, од кого зависат одлуките. Нема правда. Никој од власта не одговора, рече Наташа Поповиќ – членка на Извршниот одбор на СДСМ.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
