Македонија
25. August 2026 - 17:44

Прв случај со западнонилска треска во Kумановско

6 нови случаи со западнонилска треска се регистрирани во Македонија за еден ден. 5-мина инфицирани се од Скопје (тројца од Гази Баба над 70 годишна возраст и по еден од Зелениково на 26 години и Аеродром 59 годишен). Прв случај е потврден и во Куманово. Според информации од тамошниот Центар за јавно здравје заболениот е маж на 65 години од приградско населено место и не патувал надвор од државата. Пациентот е хоспитализиран на Инфективната клиника. 

- Според информациите со кои располагаме, здравствената состојба на пациентот можеме да кажеме дека е тешка. Кај пациентот покрај инфицираноста со вирусот западен нил, присутни се и хронични заболувања вклучително и дијабетес кои можат да влијаат врз текот и тежината на заболувањето, изјави Херољинд Сакипи, директор на ЈЗУ Центар за јавно здравје Куманово

Од кумановскиот центар за јавно здравје велат дека по направената анкета со членови од потесното семејство на заболениот ќе ги преземат потребните епидемиолошки мерки.

- Врз основа на резултатите од епидемиолошката анкетаќе се преземат соодветни мерки, меѓу кои и дезинсекција на објектот односно просторот каде престојувало инфицираното лице, но и на други места кои можени се локациите каде бил каснат од инфициран комарец, рече Сакипи.

Досега западно-нилска треска е потврдена кај 50 лица. Речиси половината се хоспитализирани на инфективна поради тешка невроинвазивна форма со воспаление на мозокот и мозочната обвивка предизвикани од вирусната инфекција.