Македонија
7. July 2026 - 12:19

Почна пријавувањето на штетите од пожарот во Пробиштипско

Жителите на пробиштипските села Неокази, Бучиште и Ратавица започна да ги пријавуваат штетите што ги претрпеа во големиот пожар кој на 3 јули зафати земјоделски и шумски површини. Општина Пробиштип го отвори рокот за поднесување барања за обесштетување, кој ќе трае до 15 јули. По неговото истекување, општинската Комисија за проценка на штети ќе изврши увид на терен и ќе ја утврди висината на штетите.

- Ние како општина имаме формирано комисија која ќе треба да ја утврди настанатата штета и согласно правилникот кој го има донесено Општина Пробиштип, ќе биде доставен до Советот. Понатаму ќе биде доставен до Владата, по што граѓаните делумно ќе бидат обештетени од оваа несакана појава, изјави Тони Тоневски, градоначалник на Пробиштип

Според првичните проценки, пожарот оставил сериозни последици врз земјоделското производство и приватниот имот. Во селото Бучиште целосно изгоре една куќа, а оштетени се и дел од други објекти. Надлежните посочуваат дека конечната проценка ќе биде позната по увидот на терен.

- На настанатиот пожар во петокот, има зафатено околу 250 хектари. Главно се земјоделски површини, има нискостеблеста шума и пасишта, зафатени се пчелни семејства, овоштарници, житарици и дел од куќите во село Бучиште, додаде Тоневски.

Според информациите од Територијалната противпожарна единица – Пробиштип, пожарот започнал од искра предизвикана од земјодеска машина, по што се запалила нива со жито во атарот на селото Неокази. Поради силниот ветер и сувата вегетација, пламените јазици за кратко време се прошириле кон Бучиште и Ратавица, што значително го отежнало гаснењето. Во интервенцијата учествувале пожарникари, вработени во јавни претпријатија, институции и месно население, а пожарот бил ставен под контрола по повеќечасовна борба со огнената стихија.