Loading Video...
Бизнис
6. July 2026 - 16:34

Поскапуваат и бензините и дизелот

Поскапуваат горивата – бензините за денар, дизелот за два и пол. Па така, од полноќ еуросупер бс-95 ќе се точи за 85,5 денари, 98-октанскиот за 87,5, а дизелот ќе чини 82,5 денари по литар. 

Од Регулаторна објаснуваат дека „референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 2,5%, а кај дизелот за 5,2%. Курсот на денарот во однос на доларот е повисок за 1,5%“ Опозицијата бара мерки.

„Мицкоски го најави денешното поскапување на горивата, ама не најави никакви мерки со кои ќе ги заштити граѓаните од новиот ценовен удар. Исто како што кажа дека има пазари и компании кои работат со „повисоки маржи“, но рече дека „имињата засега нема да ги открие“. Тоа се тие се двајца Мицкоски – едниот признава дека има проблем, другиот со лаги и манипулации се обидува да дефокусира од проблемот. Додека граѓаните живеат крпен живот, од ден во ден се се посиромашни, Мицкоски не презема ништо“, велат од СДСМ.

Неделава министерот за економија треба да се сретне со производителите и дистрибутерите. Нова средба ќе има и со маркетите за кои премиерот Мицкоски кажа дека неоправдано си ги зголемиле маржите од 2 до 5 проценти. Планот на Владата е преку дијалог со сите алки во синџирот на снабдување, од една страна и истовремено преку обемни конторли на пазарната инспекција, од друга страна, да открие каде настанува поскапувањето на основните производи и тоа да го спречи без да интервенира со мерки. 

Првиот човек на Сојузот на стопански комори смета дека замрзнувањето на маржите на сите производи не е решение. 

„Не можете вие да укинувате маржи на сите основни производи на целата група и прехранбена индустрија, затоа што има луѓе коишто имаат... не им е проблем да ги платат цените на производите. Има луѓе коишто вистина се загрозени. Најдобар е пристапот на Европска Унија. Таму се одреди група на производи, се детектираа од основните производи – два производи млечни, два производи пекарски, два производи за чистење и така натака и така натака, една кошничка, и се детектираше дека таа е социјална кошничка со максимум минимални цени. И тоа беше одлуката којашто помага на тие што се социјално најранливи. Бидејќи во дадена ситуација, ако вие на сите производи ги намалувате цените, тогаш удирате врз бизнисот, а притоа има луѓе коишто апсолутно не им е проблем да ги платат повисоките цени“, рече Горан Ѓорѓиевски во Тема на денот на Сител. 

Преку средби со претставници на трговските синџири и Грција се обидува да стави ред во цените. Таму до крајот на јуни беа ограничени маржите на 2 илјади производи. Грчкиот министер за развој изјави дека е постигнат договор во јули и август да нема нови поскапувања, а за од септември најави дополнително поевтинување на основните прехранбени производи.

„Ова се однесува и на оние 2.000 производи чии цени во последните месеци беа намалени за 6 проценти поради строгата примена на мерката за ограничување на профитните маржи. Обврската што ја презеде бизнис-заедницата е овие намалувања да останат во сила и во текот на двата летни месеци. Потоа ќе биде направена подготовка за од почетокот на септември на пазарот да се примени значително намалување на цените на основните производи, како резултат на национален општествен договор“, рече министерот Такис Теодорикакос.

Инаку во Грција мајската инфлација беше 5,2 проценти, што е малку повисоко на нашите 4,8. Колку поскапел животот кај нас во јуни, Државна статистика ќе објави утре.