Македонија
19. May 2026 - 21:12

Хрватска го „скрши мразот“ за камионџиите: Долгорочни визи за спас од хаосот на границите

Хрватска ги отвора вратите за камионџиите од Македонија и регионот. Парламентот го изгласа новиот Закон за странци со кој се воведуваат долгорочни визи за професионалните возачи.

Со новите правила, македонските транспортери ќе можат полесно да работат и да престојуваат во Хрватска. Наместо постојано да стравуваат дали ги „поминале“ дозволените денови, возачите ќе можат да добијат Виза Д со важност до една година. Тоа ќе им овозможи да останат во Хрватска подолго и да бидат ослободени од правилото „90/180“.

Ова е олеснување за транспортниот сектор, кој со месеци алармираше дека строгите европски правила создаваат хаос во превозот, доцнење на стока, казни и проблеми за компаниите.

Од „Макам транс“ велат дека се позитивно изненадени од брзината со која Хрватска ги реализирала ветените измени.

„Можам да кажам дека сме пријатно изненадени затоа што Хрватска она што го вети, уште на првиот состанок со транспортната комисија, и го оствари, брзо, кога знаеме дека се работи за закон и дека процедурите малку подолго траат. Така што, во овој дел се надеваме дека и другите држави од Европската Унија, односно Шенген зоната, дека по нивниот пример ќе ги направат истите чекори за да немаме генерално проблеми“, вели Билјана Муратовска од асоцијацијата „Макам транс“.

Иако законот е веќе изгласан, сè уште не се познати сите детали околу аплицирањето. Се очекува хрватското Министерство за надворешни работи наскоро да испрати инструкции до амбасадите во регионот, по што ќе биде познато какви документи ќе треба и како точно ќе се издаваат визите.

Муратовска вели дека во моментов се преговара со повеќе европски држави – меѓу нив Германија, Австрија, Унгарија, Романија, Бугарија и Грција – за непречено движење на професионалните возачи.

„Има недостиг на возила во самата Европска Унија, бидејќи возилата коишто доаѓаат од Западен Балкан веќе се преполовени. Нема толкав прилив на превози, така што се чувствува недостигот и јас се надевам дека барем заради тие работи и за нивно добро и развој на нивната економија, дека ќе ги спроведат овие измени што поскоро“, додава Муратовска.

Вицепремиерот и министер за транспорт, Николоски, оцени дека ова е чекор напред во решение на проблемот кој произлезе со воведување на новиот систем во Шенген зоната.

„Овој закон многу ќе помогне на македонските професионални возачи. Ова е реализација на договорот што го направивме со вицепремиерот и министер Олег Бутковиќ во Јануари годинава. Швајцарија веќе издава долгорочни визи. Очекуваме и други држави да се приклучат“, напиша Николоски на ФБ.

Кон крајот на јануари транспортерите од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора четири дена ги блокираа граничните премини, а протестите завршија откако Европската комисија презентираше нова визна стратегија со која се остава простор камионџиите да бидат изземени од електронскиот систем.