Новиот закон за сајбер безбедноста ќе донесе поголема заштита за граѓаните и бизнисот
Поголема заштита од злоупотреба на податоците на граѓаните и фирмите ќе донесе новиот закон за сајбер безбедност. Иако стапи на сила од почетокот на годината, владата треба да имплементира уште неколку подзаконски акти за да биде функционален. Од оваа недела почнува со работа Владиниот центар за одговор на сајбер инциденти, по што останува приватниот сектор, односно банките, телекомуникациските, енергетските компании, нивните добавувачи, да ги исполнат обврските кои се бараат од нив.
„Најголемиот дел од критичната дигитална инфраструктура се наоѓа во приватниот сектор. Затоа законот не го третира како објект на контрола, туку како партнер во системот на безбедност. Овие обврски не се административен товар, туку механизам за заштита на самото функционирање на компаниите.“, изјави Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација.
За имплементација на законот, Македонски Телеком ќе црпи искуства од Дојче Телеком, групација кој ја има најдобрата заштита во цела Европа. Нивни претставници денеска ги презентираа најновите трендови и конкретни решенија за заштита од сајбер закани.
„Сајбер безбедноста денес повеќе не е избор, туку клучен приоритет. Затоа новиот закон е многу важен чекор за зајакнување на дигиталната безбедност на земјата. Нашата улога во овој процес е да останеме посветен партнер за дигитална трансформација, со сигурни и напредни решенија базирани на глобална експертиза. Нашата одговорност не завршува со инфраструктурата, туку продолжува преку безбедноста и довербата што ја градиме.“, изјави Горан Марковиќ, Главен извршен директор на Македонски Телеком.
Институциите, заедно со приватниот сектор, мора да работат заедно, вели министерот Андоновски, затоа што сајбер заканите често пати знаат да предизвикаат прекини во работењето, финансиски загуби, но и да ја нарушат довербата кај клиентите. Целта е да се изгради дигитално општество, кое ќе биде отпорно на се почестите сајбер закани.
-

Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар
