Нема земја во која Палчо може да се скрие
До убиството на Вања немало да дојде ако полицијата не направела пропусти во истрагата за велешанецот Панче. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека полицијата непрофесионално ја водела истрагата.
За опозицијата е нејасно и како е можно киднаперите да ги фатила паника од јавниот притисок, кога јавноста за исчезнувањето на Вања дозна два часа по нејзиното убиство.
Во СДСМ пак се на ставот дека полицијата и обвинителството покажале професионалност на високо ниво.
„Во рамки на своите законски надлежности МВР и Јавното обвинителство навреме преземаа соодветни, интензивни активности и ги пронајдоа сторителите на грозоморното злосторство, монструозните убиства на 14-годишната Вања и 74-годишниот Панче.
Очекуваме во најкраток можен рок сите сторители и инволвирани да бидат изведени пред лицето на правдата и да понесат одговорност за злосторството.“ – се вели во соопштението на СДСМ
Но прво осомничениот се уште го нема. Надлежните знаат дека е надвор од Македонија и велат дека му ја следат трагата додека јавноста е загрижена дека е можно тој да добие азил во Русија.
Екс министерот за внатрешни работи е убеден дека нема земја во светот што ќе даде азил на убиец на малолетно дете.
Љупчо Палевски ја напуштил Македонија на 30 ноември заедно со својот адвокат и заминал во Србија.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
