Силјановска или Спасеновски за ВМРО-ДПМНЕ, Пендаровски, Спасовски или Шеќеринска за СДСМ
Иако се уште нема прецизен датум, партиите се во засилена потрага за своите претседателски кандидати за претстојните избори оваа пролет.
Очекувано, главната битка ќе ја водат двата најголеми блока на македонската политичка сцена. Опозицијата не крие дека веќе неколку месеци ја проверува довербата на дваесетина кандидати а извори од таму брифираат дека изборот е стеснет на неколкумина меѓу кои професорката Силјановска која веќе има искуство во ваква трка но и искуство на неколку државни позиции. Во игра е и професорот од Правен, поранешниот пратеник Александар Спасеновски. Станува збор за кандидат кој има поддршка од помладата партиска база со солидна десничарска позадина но и добри конекции со меѓународниот фактор. До овој момент и Спасеновски и Силјановска се држат резервирано иако и двајцата не демантираат дека би прифатиле претседателска трка.
Во таборот на СДСМ ситуацијата е малку посложена. Иако се најавува, официјален договор за заеднички настап со ДУИ се уше нема, но СДСМ анкетира неколку кандидати меѓу кои и актуелниот Претседател Стево Пендаровски. Во игра е и министерот Оливер Спасовски а се споменува и името на Шеќеринска. Извори од владејачката партија велат дека во изборот на кандидатот клучни ќе бидат неколку услови меѓу кои поддршката од албанските политички партии но и поддршката на екс премиерот Заев кој се уште добро котира во партиските структури. СДСМ не крие дека во претседателската трка чека поддршка и од ДУИ но и од Алијанса, иако и двете партии официјално се уште немаат одлука. ДУИ би требало да го поддржи кандидатот на СДСМ но тоа многу ќе зависи од договорот за коалиција за парламентарните избори, па за секој случај интегративците проверуваат неколку професори од Штуловиот универзитет, додека во Мала Речица се профилира името на генералниот секретар Фатон Ахмети како можен избор за новиот технички премиер 100 дена пред избори.
Она што е извесно е дека во Претседателската трка со свој кандидат ќе оди и албанската опозиција на Меџити, Касами и Гаши.
Претседателските избори ќе бидат седми по ред во историјата на независна Македонија.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
