Македонија
22. November 2023 - 16:35

Грковска уверува дека се прават последни разговори за клучните закони за администрацијата

Клучните закони за јавната администрација кои ќе ги бара ЕУ ќе бидат донесени во скоро време, уверува вицепремиерката за добро владеење по острите критики кои дојдоа од Европската Комисија. Грковска е свесна дека пречестото менување на министрите за администрација го кочи реформирањето на јавниот сектор.

-Последни разговори има околу одредени прашања кои се произлезени од јавната расправа и од реакциите, не само од политичките фактори, туку и од сите други фактори од јавниот сектор. И очекувам за брзо време да бидат предложени, вели Грковска.

Воспоставување принципи и стандарди за добро владеење по британски модел за јавната администрација да стане сервис на граѓаните. Британската влада финансира проект кој кога ќе биде имплементиран ќе овозможи следење на резултатите, ќе им помогне на административците да ги следат владините приоритети, но и таа да функционира без разлика за политичката клима во државата.

-Многу е важно системите коишто ги воспоставуваме сега и тука да бидат во можност, и да функционираат независно од политичките циклуси. Особено, јавните служби се ‘рбетот на непристрасноста на секоја влада и принципите од сето тоа, и системските аспекти од тоа е многу важно да се постават на здрави нозе и да продолжат низ сите транзиции без разлика која влада е на власт да овозможува соодветни услуги, вели британскиот амбасадор Метју Лосон.

Од Центарот за управување со промени велат дека доколку проектот „Преомислување на управувсањето“ навистина биде имплементиран граѓаните ќе можат многу поблиску да следат како се реализираат владините програми и да знаат кои се нејзините приоритети.

-Целата оваа Иницијатива препознава дека политиките можат да бидат одлични на хартија, и веројатно се такви. Меѓутоа, доколку немаме ефективна имплементација во секојдневната реалност, дека во тој случај можат и резултатите во некои сегменти да изостанат, вели претседателката на Центарот за управување со промени, Неда Малеска Сачмароска.

Европската Комисија во последниот извештај остро го критикуваше неносењето на клучните закони, како тој за раководна служба, кои се најавуваат повеќе од 4 години, но никако да се најдат на расправа во Собранието. Во последните години МИОА е прва на политичкиот пазар, па многу често се менуваа министрите, и тоа практично е една од главните причини зошто државата доцни со носењето на легислативата која треба да го намали политичкото влијание во институциите.