Мицкоски обвинува дека власта конфузно го води процесот за изградба на Чебрен
Власта конфузно го води процесот за изградба на хидроцентралата „Чебрен“, обвинува првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски вели дека одлуките биле менувани неколку пати и тоа сега е причина грчкиот инвеститор да се жали за начинот на спроведување на набавката.
Во интервју за „Република“ тој презентираше неколку хронолошки подредени документи.
Според документите, владата на Зоран Заев прво на инвеститорот му ја дава ХЕЦ „Тиквеш“ три месеци откако ќе почне изградбата на Чебрен, а потоа техничката влада на Оливер Спасовски носи нова одлука– да му се додели три месеци откако ќе биде изградена Чебрен.
Иако со втората одлука владата одлучила Тиквеш да ја даде шест години подоцна, во јавниот повик навела дека инвеститорот ќе ја добие три месеци откако ќе Чебрен ќе почне да се гради. Тоа е временски период од шест години кој државата би ја чинел 100 милиони евра.
Помеѓу овој јавен повик, одлуката на Заев е одлуката на Спасовски да брише делови од одлуката на Заев за почнување на постапка. И се објавува јавниот повик каде што повторно се појавува ХЕЦ Тиквеш којшто не би требало да се појави бидејќи веќе е избришан од страна на владата која што ја предводи Оливер Спасовски две недели претходно, потенцираше Мицкоски
Ова ги збунило и грчките инвеститори кои сега бараат да го добијат ХЕЦ „Тиквеш“ три месеци по почетокот на градбата.
-Откако ја добива оваа одлука компанијата добитник на 16.10 оваа година вложува жалба до Министерството за животна средина, носител на јавната набавка. И вели дека членовите 5, 6, 8 и 10 се спротивни на тендерската документација на којашто тие учествувале, вели Мицкоски.
Власта пак го демантира Мицкоски. Оттаму велат дека државата заштедила голема сума на пари.
- Скандал е тоа што Владата на Никола Груевски и ДПМНЕ во 2013 година го доделила Тиквеш на приватниот инвеститор токму 3 месеци по добивање на одобрението за градба на ХЕЦ Чебрен. Додека СДСМ, токму со таа интервенција го внесува Тиквеш во заедничка компанија 3 месеци по пуштање во работа на ХЕЦ Чебрен. Тоа е суштинска и огромна разлика. На овој начин Владата на СДСМ заштедува 100 милиони евра, пари на граѓаните. Односно, токму Владата на ДПМНЕ и Никола Груевски, на кого Мицкоски му беше советник за енергетика, 100 милиони евра сакала да му поклони на приватниот инвеститор., велат од СДСМ.
Чебрен треба да биде изградена за седум години и ќе има инсталирана моќност од 330 MW. Во декември државата ќе треба да потпише договор со грчката енергетска компанија. Договорот е вреден над 1 милијарда евра.
Само за споредба, РКЕ вчера соопшти дека во изминатите 10 месеци инсталирани се енергетски капацитети од обновливи извори на енергија со вкупна инсталирана моќност од 371 MW часови, што е повеќе од потенцијалот на Чебрен.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
