6 милијарди евра за раст на Западен Балкан, Европска комисија ги објави оценките за економската состојба во Македонија
План за раст на Западен Балкан вреден 6 милијарди евра објави Европската Комисија заедно со извештаите за напредокот на Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово.
Планот се заснова на четири столба – подобрување на економската интеграција со единствениот пазар на ЕУ, под услов Западен Балкан да се усогласи со правилата и да ги отвори соодветните сектори и области за сите нивни соседи, Зајакнување на економската интеграција преку Заедничкиот регионален пазар, врз основа на правилата и стандардите на ЕУ, забрзување на фундаменталните реформи и зголемување на финансиската поддршка на реформите преку Фонд за реформи и раст на Западен Балкан.
-Убедени сме дека со овој план ќе му помогнеме на регионот да го зголеми својот БДП за една третина. Се заедно, од заедничкиот регионален пазар, од нашата финансиска помош мислиме дека можеме навистина да го засилиме регионот. Поттик кој им е потребен и поттик кој ни е потребен и нам, рече еврокомесарот за соседска политика, Оливер Вархеји.
Во економските оценки на Европската Комисија за Македонија се вели дека земјава се уште бавно закрепнува од последиците од војната во Украина што го забавува и закрепнувањето од Ковид кризата.
Според ЕК, дефицитот е на сериозно високо ниво, а потребите од пари се задоволуваа со задолжување од ММФ. На значително високо ниво е и јавниот долг во однос на периодот пред пандемијата.
Во извештајот се вели дека Македонија се уште има големи предизвици што го ограничуваат растот.
-Постигнат е дополнителен напредок во подобрувањето на стручното образование, но големиот недостиг на вештини и натаму е во однос на потребите на пазарот на труд, што повлекува долг период на прилагодување од школување до вработување. Овие, заедно со големите празнини во транспортната и енергетската инфраструктура, ниските инвестиции и ниското финансирање за иновации, го ограничуваат потенцијалниот раст, се вели во извештајот..
Македонската влада, лани се фокусирала само на цените, па не направила речиси ништо за да има напредок во клучните реформски прашања.
Критики има и за јавната администрација. Иако уште пред 5 години започна постапката за носење на клучните закони за јавниот сектор, тие се уште не се усвоени. Државата не ги прифатилa ниту препораките од Антикорупција за непотизам, кронизам и политичко влијание при вработување во јавниот сектор.
Државава постигнала напредок во однос на слободното движење на капитал , како и одреден напредок во однос на финансиските услуги и заштитата на потрошувачите.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
