Македонија
10. October 2023 - 16:50

Уште 10 Македонци евакуирани од Израел – двајца се уште заглавени во Појасот Газа

Уште 10 македонски државјани го напуштиле Израел последното деноноќие и со летови до Атина, Подгорица и Истанбул веќе се на пат кон Македонија. Со ова вкупно 30 Македонци досега ги напуштиле завојуваните подрачја. Македонското МНР информира дека во координација со амбасадата во Тел Авив работат на враќање на уште 100 наши државјани, кои побарале помош во напуштањето на Израел и кои во најголем дел се наоѓаат на безбедни локации. Сепак двајца македонски државјани, според информациите на МНР, се заглавени во појасот Газа.

Според информации на Сител во моментов се прави акција со која сите македонски државјани треба да бидат донесени во Тел Авив на безбедно, па оттаму да се вратат кон Македонија.

Еден дел од нив веќе имаат обезбедено билети преку редовните летови кои се активни преку меѓународниот аеродром во Тел Авив кој е во целосна функција.

Дел од граѓаните се наоѓаат во подрачја кои беа опфатени со насилните дејствија и се сметаат за небезбедни, за што веќе е обезбеден внатрешен транспорт низ територијата на Израел за нивно префрлување на безбедна локација, од каде би можеле да бидат упатени кон дома. Меѓу нив се и двајца наши државјани во Појасот Газа, за чие извлекување е задолжена Амбасадата на Северна Македонија во Каиро, која е во директна комуникација со Министерството за надворешни работи на Египет.

Според проценки на кризниот штаб, на територијата на Израел престојуваат до 200 наши државјани, од кои поголемиот дел е прецизно лоциран и редовно се одржува комуникација со нив, се до нивно враќање во Македонија.

Љупчо Тасевски, Македонец кој веќе четири години живее во Тел Авив за Сител сведочи дека денеска не се слушнале сирените за тревога, а тие засега се безбедни. Вели во постојана комуникација е со македонската амбасадата во Израел од каде добиваат насоки како да постапуваат.

Иако се во комуникација со амбасадата, македонските државјани, очекуваат владата и МНР да донесат конкретни мерки за извлекување од завојуваните подрачја.

Од МНР апелираат македонците кои се во Израел да го следат Националниот портал за итни случаеви или да се обратат за помош на отворените броеви во македонската амбасада во Тел Авив.