Македонија
16. September 2023 - 16:36

Македонското МНР потврди дека протера тројца руски дипломати од земјава

Тројца руски дипломати се прогласени за персона нон грата во Македонија. Одлуката од МНР му ја соопштиле на рускиот амабасадор во земјава уште на почетокот на неделата.
Македонската дипломатија денеска и официјално ја потврди оваа информација.

На 12ти септември, во Министерството за надворешни работи беше повикан Амбасадорот на Руската Федерација кому му беше врачена дипломатска нота, со која тројца дипломати во Амбасадата на Руската Федерација во Скопје беа прогласени како непожелни во државата (persona non grata).
Ваквата одлука е донесена по информациите добиени од надлежните органи за превземени активности кои се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи – се вели во соопштението на МНР

Информациите од таму доаѓаат откако вчера руската амбасада во земјава на социјалните мрежи потврди дека се протерани тројца дипломати по што следеше остра реакција од руското МНР. Портпаролката Захарова рече дека тоа е непријателски и неодговорен однос на властите во Скопје кој нема да биде оставен без одговор. 

Порталот Религија утрово објави дека забрана за влез во Македонија добил и рускиот архимандрит Васијан Змеев кој важи за шеф на руското црковно подворје во Софија.

Ова не е прво протерување на руски дипломати од земјава. Во март и април минатата година, во два наврати за персона нон грата беа прогласени вкупно 11 руски дипломати.