Македонија
28. August 2023 - 12:41

Денков: Нема причина за промена на бугарските позиции кон Македонија

Бугарија нема намера да отстапи од позициите кон Македонија, Скопје мора да ги исполни сите обврски на кои се обврза пред ЕУ, порачал бугарскиот премиер Денков во интервју за весникот „24 часа“.

„Категорично не. Со реализирањето на т.н францускиот предлог, како резултат на кој беше укинато ветото, всушност разговорот веќе не е меѓу Бугарија и Северна Македонија, туку меѓу РСМ и ЕУ. Тоа што се очекува, е нашите соседи да ги исполнат обврските преземени пред ЕУ. Нема никаква причина да ја смениме нашата позиција “, изјави Денков.

Вчера премиерот Ковачевски во рамки на Бледскиот стратешки форум оствари средба со претседател на Европскиот совет на која доби порака дека носењето на уставните измени е единствена можност за продолжување на европскиот пат на земјата. И Мишел со порака, дека целосно ја поддржува иницијативата за носење на уставните измени и покрај многу политички предизвици.

А лидерот на опозицијата Мицкоски во интервју за српска „Политика“ вели дека нема гаранции дека ова ќе биде последната промена на Уставот, обвинувајќи ја нашата дипломатија дека не се изборила за подобри позиции и гаранции дека нема пречки за интеграциите...

,,Некои сигнали стигнуваат од Бугарија кои веќе отворено го негираат Илинденското востание и неговиот карактер и за ова повторно немаше никаква реакција од страна на Министерството за надворешни работи. Ако промена на Уставот е услов за ЕУ, тогаш Македонија ќе беше членка и шампион на ЕУ, затоа што во овие триесет години имаме измени на Устав колку сите земји членки заедно. Тоа им го кажуваме јасно и гласно на нашите партнери од меѓународната заедница. Партнерството е двонасочна улица која се базира на почитување'', вели Мицкоски за ,,Политика''.

Премиерот Ковачевски денеска ќе учествува на Бледскиот стратешки форум, во рамки на кој попладнево ќе има свое обраќање на лидерскиот форум заедно со претседателот на европскиот совет Мишел, премиерите на Словенија, Хрватска, Албанија, Бугарија, Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.