Македонија
21. July 2023 - 16:32

Пратениците поставија рок до 18 август за безбедносните служби да одговорат дали имаат поврзаност со шпионските системи

Комисијата за надзор над работата на АНБ и Агенцијата за разузнавање им даде рок на безбедносните служби до 18-ти август да достават информација дали во Македонија се произведуваат, продаваат и користат шпионските софтвери Пегасус и Предатор за незаконско следење на граѓаните. Пратеникот Павле Трајанов кој го иницираше ваквото барање, очекува АНБ, МВР и АР да одговорат дали ваков систем поседуваат и поединци, политички партии, но и дали некој ги штити граѓаните од злоупотреба.

Реакцијата следува откако САД ја ставија на црна листа скопската фирма која стои позади ваквите системи, односно го развивала софтверот Предатор. Според американските власти, причина фирмата да биде на црната листа е нарушување на сајбер-безбедноста.

Опозицијата обвинува дека македонското обвинителство се прогласило за ненадлежно да постапува по вакците информации...Бараат Ковачевски и Спасовски да одговорат каква е нивната поврзаност со фирмата и дали свесно дозволиле во Македонија да се развива шпионски софтвер, за кој НАТО и САД се против.

Оперативно техничката агенција ОТА пред два дена демантираше дека набавила ваков систем,. Тврдат дека во моментов не се користи софтвер за следење на комуникациите „Предатор“ изработен од фирмата „Сајтрокс“.

Но каква е состојбата со безбедноста ќе треба да покаже извештајот од надзорот на надлежната комисија која следната недела ќе влезе во АНБ и АР.

Информација дека Македонија има купено софтвер за шпионажа предатор објавија и грчки истражувачи каде според обвинувањата се следени политичари, новинари и јавни личности.