Македонија
7. July 2023 - 16:31

Од мотор во движење пукано кон таткото на исчезнатиот Самоил Костадиновски

Пред семејната куќа на Љупчо Костадиновски во скопско Лисиче, отворениот автомобил и крос моторот сведочеа за бркотницата која се случувала утрово околу 9 часот. Непознат вооружен маж со мотор во движење пукал во таткото на исчезнатиот Самоил Костадиновски, внук  на екс министерот Љубе Бошковски. Траги од крв се забележуваат и по автомобилот, кога повредениот се обидел да побара помош од најблиските.

Костадиновски веднаш бил пренесен на Карил од каде велат дека е во стабилна и контактибилна состојба со две прострелни рани  во пределот на раката.

Човекот пукал од мотор во движење во близина на семејната куќа на Костадиновски во населбата Лисиче….

Од полицијата не откриваат повеќе детали, велат дека ќе чекаат истрагата целосно да заврши.

„Денеска во 08.38 во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Аеродром едно лице пукало и го повредило Љ. К. (57) пред неговиот дом. Полициски службеници излегле на местото и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.

Семејството и соседите вознемирени не сакаа да говорат пред камера, но дел од нив  велат дека моторот бил забележан во близина на бензинска пумпа во Лисиче, половина час пред пукањето. Лицето кое го управувало било облечено во црна облека.

Таткото на младото момче нудеше и парична награда во замена за информации во врска со неговиот исчезнат син.

Самоил Костадиновски, од почетокот на март е пријавен за исчезнат. Истрагата за случајот не завршена, но досега полицијата има приведено две лица, но Самоил се уште не е пронајден. Младиот Костадиновски последен пат бил виден  на Водно кога влегол во автомобил заедно други лица.