Македонија
17. May 2023 - 16:34

Судска медицина работи на вештачењето за смртта на Јана и анализите за новороденчето од битолската болница

Од што почина шестгодишната Јана Христовска од Битола само 5 часа по приемот на педијатриското одделение? На ова прашање и по два месеци од смртта на девојчето нема официјален одговор.  

Сите медицински документи се во Институтот за судска медицина каде веќе го прават вештачењето  кое ќе покаже дали има или не лекарска грешка и несоодветен медицински третман. 

Родителите на Јана ја чекаат вистината и бараат правда. Низ истата голгота поминува и родилката која го изгуби бебето само неколку часа по породувањето во битолската болница.

„Интензивно се работи на вештачењето за починатото девојче од Битола. Доставена е целокупната медицинска документација и се надеваме дека во скоро време ќе ја завршиме. Обвинителството постави прашања за третманот и ние ќе одговориме согласно вештачењето. Што се однесува за случајот со родилката, доставени се материјали за токсиколошки анализи кои се уште се работат, а за понатаму, предмет за вештачење сеуште нема“, вели д-р Александар Станков, директор на Судска медицина.

За мајката што го изгуби новороденчето само неколку часа по раѓањето никој не дозна јавно што открила стручната комисија од Министерството за здравство и тој извештај беше предаден во Обвинителство. Единствено, ДСЗИ констатираше технички пропусти  направени од лекарот. 

Оттогаш до сега, освен оставката на Александар Обедниковски од директорската функција други промени во битолската болница нема. 

Јана почина на 22 март - состојбата и се влошила по приемот на инфузија. Две недели подоцна 24 годишната мајка го изгуби бебето само неколку часа по породувањето. И двете семејства најавија дека во барањето на правда ќе одат до крај.