Македонија
1. May 2023 - 16:31

120 прегледи во еден ден во Козле, лекарите со полни раце работа

И продолжениот празничен викенд не ги намали гужвите во детската болница во Козле. Вчера имале 120 прегледи во амбулантите а на болничко лекување има 42 деца. Две од нив се на кислородна поддршка поради влошената клиничка слика. Доминираат респираторни инфекции и пневмонии кои го влошуваат здравјето на најмалите и поради тоа мора да бидат хоспитализирани. Педијатрите алармираат дека овој период зголемен е бројот и на пациенти со бактеријата стрептокока.

-Доминира бактеријата стрептококус пиогенис која предизвикува гнојна ангина кај деца претшколска и школска возраст. Оваа ангина многу ги исцрпува децата бидејќи е пропратена со висока фебрилност и температура од 40, 41 степен, вели д-р. Мирјана Поповска, педијатар во детска болница Козле.

 Не е само болното грло и секретот во белите дробови патологијата со која се соочуваат педијатрите. Велат дека драстично е зголемен и бројот на деца со алергии кои на почетокот имаат лесни симптоми, но оваа состојба може да предизвика и сериозни компликации.

-За еден алергиски ринитис доволна е неговата клиничка слика, односно, ако исполнува барем два симптоми кои се карактеристични – течење на носот, чешање, па ако ги има и оние со очите, односно нивно чешање, едем на очните капаци, тогаш може да се постави дијагностика и да се даде соодветна терапија, вели д-р. Поповска.

Кога клиничката слика не е доволна, педијатрите во болницата во Козле преку кожни тестови и анализи преку крвта утврдуваат кој алерген е причина за состојбата кај пациентите.