Македонија
25. April 2023 - 16:30

Бирото за образование ќе одлучува по забелешките на историчарите

Бирото за развој на образованието кое го воведе спојувањето на повеќе предмети во еден, сега ќе оценува како овој нов концепт влијае врз образованието на учениците.

Министерот Шаќири вели дека негова обврска е само да ги испрати сите реакции во јавноста до Бирото кое ќе го има последниот збор дали нешто ќе се менува.

Вели дека концептот кој оваа година за прв пат се воведе во петто, следната само ќе премине во шесто одделение и нема место за паника дека ќе се загрозат работните места на наставниците.

Државата да престане да ги третира учениците како експериментални глувци и да го врати преметот Историја, бараат и од Демократски Сојуз.

Со брзоплето менување на наставната програма и пишувањето збирни учебници за три предмети, новите генерации ученици ќе бидат осакатени во знаењето, зашто ниту ќе научат историја, ниту географија ниту ќе стекнат граѓанско образование.

Не сакаме да веруваме дека овие реформи се како резултат на Договорот за добрососедство со Бугарија и одлуките што ги носи заедничката Комисија за историски и образовни прашања, посочуваат од партијата.

Спојувањето на предметите Историја, географија и граѓанско општество во еден предмет за идните шестооделенвци наиде на осуда и од Независниот синдикат за образование и наука од каде предупредија дека ова ќе доведе до кратење на бројот на часови на наставниците а со самото тоа и до кратење на платите.

Но, уште поголем проблем е што овие учебници со споени предмети се исполнети и со грешки. Петтооделенците годинава учеа дека источен сосед ни е Албанија, а западен Бугарија, а Монт Еверест е висок 29 илјади метри, наместо 8 илјади.