Колку пратеници ќе му дадат поддршка на реконструираниот кабинет на премиерот Ковачевски?
Власта без прецизен одговор со колкава бројка на пратеници располага во Собранието. За одговор на ова прашање не упатија да ја причекаме собраниската седница за реконструкција на Владата на која јасно ќе се види колкаво е мнозинството. Оттаму остануваат на ставот дека коалицијата со Алијанса го стабилизира Собранието кое ќе испорача реформи и забрзана интеграција во ЕУ.
Зголеменото владино мнозинство ќе се грижи за справување со кризата, унапредување на животот на граѓаните, заздравувањето на економијата да започне веќе оваа година, се вели во писменото соопштение на СДСМ.
Но додека од една страна мнозинството се окрупнува со 8те пратеници на Алијанса, расте револтот помеѓу пратеници од сегашното мнозинство.
На вчерашната листа на Ковачевски за разрешување се најде и заменик министерот за одбрана Башким Хасани, кадар на ДУИ, но дел од огнената група.
Оваа група која во Собанието брои најмалку 3ца пратеници досега јасно стави до знаење дека е против влезот на Алијанса, на што гледаат само како на спас на Артан Груби.
И поддршката од пратеникот Павле Трајанов е неизвесна. Демократски сојуз конечен став за ова прашање ќе гради на состанок утре, откако претходно изразија незадоволство од распределбата на ресорите, но потсетија и дека досега не е реализиран ниту еден приоритет од нивната програма.
ВМРО-ДПМНЕ и денеска со став – новиот кабинет на Ковачевски е „Пазар 3 коалиција“. Опозицијата обвинува дека сите предложени министри и заменици се веќе вмешани во корупција и криминали.
е јасно дека во овој избор на нова влада со рок од неполни 10 месеци, Македонија во услови на енергетска, економска, финансиска, должничка, криза нема да добие никаков квалитет туку единствено се пополнуваат редовите во Собрание за задржување на тенкото мнозинство! Причина за тоа се тендерите, договорите во четири очи и обид да се избега од правдата! вели Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ
Во новиот кабинет на Ковачевски нема место за Алтернатива. Премиерот вчера го испрати барањето Собранието да ги разреши сите кадри на Гаши и да ги избере новите кои доаѓаат од редовите на Алијанса. Таравари добива министерски позиции во правда, здравство и информатичко општесто и заменици во одбрана и земјоделие.
Собраниската седница за реконструкција на владата ќе стартува утре, но неизвесно е колку ќе трае. Расправата за разрешување на министри не е временски ограничена, односно ќе трае се до исцрпување на листата пријавени пратеници за збор.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
