Што ќе донесе претседавањето со ОБСЕ?
Претседавањето со ОБСЕ е успех на македонската дипломатија и добра можност за промоција на Македонија, велат политичките аналитичари за тоа што земјава цела година ќе биде на чело на најголемата безбедносна организација.
Иако не е за очекување дека ќе бидеме фактор во разрешувањето на руско-украинскиот конфликт иако е во надлежностите на ОБСЕ, ќе имаме прилика да се покажеме кај регионалните безбедносни предизвици, вели професорот по меѓународно право и поранешен амбасадор Васко Наумовски.
Партиите од власта претседавањето го сметаат за свој успех.
„Во 2023 година кога светот се уште е во деликатен период поради агресијата врз Украина, токму нашата, македонска држава ќе има важна улога во зачувување на светскиот мир и стабилност. Ако до пред неколку години, стоевме надвор и чекавме одлуки за нашата иднина, денес, седиме на главните маси на најголемите светски организации и сами решаваме не само за нашата, туку и за светската иднина“, велат од СДСМ.
Слични пораки и од ДУИ.
„2023 година ќе биде важна година за меѓународната позиција на Република Северна Македонија. Зајакнатото меѓународно профилирање значи долгорочен влог во економски развој, нови можности за младите и стабилност“, коментираат од ДУИ.
Македонија од вчера го почна своето претседавање со оваа организација во која членуваат дури 57 држави членки. Mакедонската програма „За луѓето се работи“ ќе ја презентира шефот на дипломатијата Османи во Виена на 12 јануари на Постојниот самит на ОБСЕ.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
