Новиот директор на АНБ подготвува нов извештај, опозицијата го посочува како директно одговорен за пасошот на Онишченко
Новиот директор на АНБ Зарко Милошевски се обидува да влијае на истрагата за македонскиот пасош на Онишченко, тврдат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ откако се најавува нова истрага за тоа како контроверзниот Украинец добил позитивна безбедносна проценка, но и откако излегоа документи дека и Милошоевски бил дел од оваа постапка во Агенцијата.
„Милошевски со формирањето на нова Комисија не ги штити двајцата вработени во АНБ против кои е покрената постапката, туку себе си, бидејќи тие хиерархиски се под него, а тој бил функционерот кој ја одобрил проверката. Формирањето на нова Комисија составена од блиски луѓе на Зарко Милошевски има само за цел да ја заташка реалната истрага. Зарко Милошевски знае дека е директно одговорен во постапката за давање на државјанство на Онишченко, бидејќи тој ја одобрил позитивната проверка, а Виктор Димовски го потпишал актот што тој го одобрил.“
Премиерот Ковачевски најави дека Милошевски подготвува нова проширена истрага во Агенцијата за Онишченки, а резултатите ќе бидат презентирани и во Владата и пред собраниската комисија која ја надгледува работата на АНБ.
Претседателот на оваа Комисија Пренџов веќе потврди дека не е запознаен со новата истрага на Милошевски, но очекува тој да се појави на третото продолжение на седницата за овој случај која почна со Димовски, но треба да го утврди пропустот поради кој украинскиот олигарх доби македонско државјанство.
И додека нема потврда од АНБ дали новиот директор или претствник на Агенцијата ќе се појави во парламентот, од владејачката коалиција велат дека присуствуваат на собрнаиската комисија во вторник.
„Очекуваме новиот директор да ја објасни целата постапка и како е дојдено до позитивната оценка за Онишченко. За неговата наводна инволвираност во постапката не знам, тие документи што се појавија во јавност беа фотокопии. Во делот на одговорноста, веќе е објавено дека има дисциплинска постапка за двајца вработени во Агенцијата“, вели пратеникот Мојсоски.
Собраниската комисија која треба да утврди одговорност е во застој повеќе од еден месец поради безбедносниот пропуст кога дел од отчетот на тогашниот директор на АНБ Виктор Димовски отиде во јавност и покрај затворената седница.Скандалот со доделеното македонско државјанство за контроверзниот украинец кој се наоѓа и на црната листа на САД, го доведе во прашање и заминувањето на Димовски за амбасадор во Париз.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
