Македонија
17. December 2022 - 16:37

Реакции за пресудата „Таргет-Тврдина“- судски совет ќе го проверува одлучувањето на Апелација

Судскиот совет ќе испитува дали судијката Лидија Чачева ја укина пресудата за Тагрет Тврдина пред или по пензионирањето.

Во телефонски разговор за Сител претседателката на Судскиот совет Весна Дамева вели дека на седница која ќе се одржи најдоцна до вторник, таа лично ќе иницира Советот да донесе заклучок да се изврши контрола во Апелацискиот суд и да се утврди дали судот постапувал ажурно по овој предмет. 

Ќе се испитува и на кој датум судијката Чачева која е во пензија од 7-ми декември, ја донела одлуката за укинување на пресудата за Таргет Твдрина. Дамева е децидна дека по пензионирањето судијката не смеела да постапува по предмети.

Шефот на државата вели дека е шокиран од укината пресуда за Таргет Тврдина.

Одлуката е пораз за правната држава и доказ за ниската доверба на граѓаните во правосудните органи. Ваквите одлуки само ја поткопуваат вербата на граѓаните дека се можни вистински реформи во владеењето на правото и борбата против корупцијата", вели претседателот Пендаровски за МКД.МК.

Да не се дозволи застарување на кривичните дела на Мијалков, повика и екс премиерот Заев кој преку објавувањето на т.н бомби и поддршка на Шарената револуција беше иницијатор за отворање на клучниот предмет за масновното прислушување.

Стотици илјади граѓани со години се боревме да ги срушиме алчните арамии од режимот и успеавме, а сега некој се исмева со таа борба и се обидува да ја ништи освоената правда.

Што е следно, Мијалков да стане директор на АНБ, а Груевски да се врати невин на бел коњ? Па и утре да станеме членка на ЕУ тоа нема да го испере овој срам и блам, пишува Заев на фб.

Апелација треба детално да ја објасни својата одлука, смета и министерот Османи. Потранспарентни судови е една од целите и на европската интеграција на земјава. 

-Доколку нема сериозна аргументација Апелација да објасни пред ЕК за одлуката верувајте ќе бидат именувани и засрамени, но можеби имаат аргументи и затоа и јас не сакам да прејудицирам кои биле тие прекршувања во првостепена процедура бидејќи сепак ние треба и човековите права да ги почитуваме. Тоа е важен дел во нашето европеизирање, изјави Османи.

Реагираше и опозицијата. Оттаму велат дека укинувањето на пресудата за клучниот предмет на кој СДСМ и ДУИ ги изградија кариерите, е само доказ за корумпираното судство во Македонија.  

Едно е сигурно и очигледно во Македонија, а тоа е дека клиентелизмот, корумпираното судство и обвинителство преполно со кадрите на ДУИ и СДС за што можевме да се увериме и во претходниот период со последните кадровски решенија во ОЈО, Судскиот совет и Академијата за судии и јавни обвинители каде од партиски штабови седнуваат во професионални институции. Сето ова говори за тоа дека правосудниот систем во државата е клекнат на колена. Во Македонија нема случај каде победила правдата до крај, а вистината е дека правосудниот апарат се користи за политичка пресметка и заштита на политички интереси на власта, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ. 

Од Владата засега нема реакција. Единствен фукционер кој вчера преку ФБ изрази загриженост и побара детално објаснување од второстепениот суд беше вицепремиерката Грковска. 

Бројните рекации следат ден откако Апелација ја укина пресудата за масовното прислушување и уништувањето на опремата во УБК. 

Предметот Таргет Тврдина  во кој првообвинетиот Сашо Мијалков беше осуден на 12 години затвор, се враќа на повторно судење, а со тоа се поизвесно е дека делата за кои се терети Мијалков во овој предмет ќе застарат. Пред три недели второстепениот суд ја укина и пресудата за Трезор во која Мијалков беше осуден на затворска казна од 8 години.