Сите институции дале позитивна препорака за државјанство за Онишченко - Ковачевски ќе бара дополнителни информации
Четири државни институции, меѓу кои Агенцијата за државна безбедност, дале позитивно мислење прорускиот украински пратеник Олександр Онишченко да добие македонско државјнство, потврдија од Владата. Контроверзниот украински политичар доби државјанство и покрај тоа што тој од лани е на црната листа на САД, но има информации дека за него е распишана и меѓународна потерница. По објавените информации за Онишченко, сега премиерот Ковачевски најавува ревизија.
Министерот за внатрешни работи Спасовски пак, вели дека тие не биле директно вклучени во добивањето на пасошот на Онишченко, но и дека на документи Украинецот бил чист.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак, го повика шефот на дипломатијата Османи, како и претседателот Пендаровски да го повлечат барањето Виктор Димовски да биде нов амбсадор во Франција, бидејки тој како поранешен директор на Агенцијата за национална безбедност дал позитивна оценка за Онишченко.
„Последниот скандал со изработка на позитивна проверка за лице за добивање државјанство, а кое било барано со потерница и е ставено на црна листа на стратешкиот сојузник - САД, само потврдува дека АНБ е во целосен нокаут и дека криминалот е длабоко навлезен во структурите. Очигледно е дека кога се пари во прашање, за раководството во АНБ не постои Закон и процедура која не може да ја заобиколи, притоа не водејќи сметка за штетата на меѓународниот углед кој и' го нанесува на најмладата НАТО членка“,пишува пратеникот Ковачки на Фејсбук.
Османи, пак вели ВМРО-ДПМНЕ преку Комисијата за надворшени работи има можност да го испраша Димовски за случајот.
Контроверзниот Онишченко го доби македонскиот пасош врз основа на барање на Федерацијата за коњачки спортови од каде оцениле тој може да придонесе за развој на овој спорт.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
