Македонија
14. October 2022 - 16:34

Антикорупциска ќе ја доистражува аферата „Броило“

Антикорупциската комисија не се откажува од случајот „Броило“ иако веќе оцени дека премиерот Ковачевски не е поврзан со фирмата „Пиксел груп“, тврди претседателката на Комисијата Билјана Ивановска по прозивките на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека оваа фирма привилигирано поради Ковачевски добивала тендери и државна помош за соларни панели.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ по првата одлука на Комисијата за спречување на корупцијата да не отвори предмет обвини дека ДКСК се однесува како адвокат на премиерот и побрза да го амнестира, наместо да се справува со корупцијата. Од партијата побараа предмет да оформи и јавното обвинителство, но молкот од институциите е очигледен, велат тие.

И додека опозицијата обвинува дека поради овој, но и многу други незавршени случаи ЕУ во својот Извештајот дава најтешки забелешки за справувањето со корупцијата, од Антикорупциска велат дека добро ја сработиле својата работа, проблем била судската завршница.

Неказнивоста според првата антикорупционерка е таа која ја создава перцепција кај граѓаните и ЕУ дека во државата владее корупцијата.