Македонија
13. October 2022 - 16:42

Џафери ја повика опозицијата да покаже одговрност за уставните измени

Политичка одговорност од опозицијата за што побрзо да се донесат уставните измени за внес на Бугарите во Уставот побара денеска спикерот Талат Џафери. Тој смета дека позитивен исход од процесот е неопходен за државата да ја задржи стабилноста.

На потребата од уставните измени што ќе значат продолжување на преговорите со Европската унија укажа и претседателката на швајцарскиот парламент Келин, иако нејзината држава не е членка на ЕУ. Вели промените треба да се случат иако некогаш се болни.

Условот за уставни измени беше воведен со прифаќањето на т.н. француски предлог за почеток на претпристапните преговори на Македонија и протоколот потпишан со официјална Софија.

Првичните информации по првата меѓувладина конференција во Брисел беа дека уставните амандмани треба да се очекуваат кон средината на ноември и почетокот на декември.

Пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и Левица се изјаснија дека нема да ги гласаат овие измени бидејки ги сметаат за уцена од бугарска страна.

За промена на Уставот потребни се  81 пратенички глас што власта сама засега ги нема.