Опозицијата нема да дозволи референдумот да не се случи поради „технички“ причини
ВМРО-ДПМНЕ е подготвено да направи корекции на Иницијативата за референдум за поништување на Договорот со Бугарија со цел таа да го помине собранискиот филтер и да почне собирањето на граѓанските потписи, потврди лидерот на партијата Христијан Мицкоски.
Потребата од промени на документот се појави откако владејачки пратеници објавија дека Иницијативата во парламентот била поднесена до Претседателот на Собранието Џафери без да се наведе новото уставно име на државата. Тоа според нив, е доволна причина Иницијативата да биде вратена како неуредна.
Тие можат да наоѓаат изговори колку сакаат и да ја одложуваат работата. Нас ни е важна суштината, а не формалноста. И ако е тоа пречка ќе ја корегираме таа пречка и ќе ја доставиме онака како што тие ценат дека треба да се достави, само да имаме успешна процедура, демократски да дозволиме граѓаните да се изјаснат за политиките на Владата поврзани со Договорот со Република Бугарија
Мицкоски и понтаму нема сомнеж дека референдумот ќе биде успешен, но и тврди дека партијата секако нема да поддржи уставни измени.
Јас сум сигурен дека ќе успее референдумот. Но, без разлика на резултатот ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Уставот под овие околности, рече Мицкоски по денешниот состанок со претседателот на Стопанската комора Бранко Азески.
За СДСМ референдумот е нова измама на Мицкоски за граѓаните која нема да успее.
„Цела година Мицкоски зборува за избори, за нови парламентарни мнозинства, ја лаже јавноста со наводна бугаризација и асимилација. Сите тие негови лаги и измами пропаднаа, нема да успее ниту оваа негова последна измама, граѓаните нема да дозволат Мицкоски да го закочи нормалното функционирање на државата, нема да дозволат државата да се оддалечи од европскиот пат, само затоа што тој сака да ја спаси фотелјата во белиот дворец“, велат од СДСМ.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во петокот ја поднесе Иницијативата за референдум, но Џафери не успеа да ја прими бидејки заминал на пат. Се враќа дури утре.
Според Деловникот, собранискиот спикер одлучува за уредноста на иницијативата со помош на законодавно-правната комисија и комисијата за политички систем. Пратеници од власта велат дека Џафери може и веднаш да го врати документот ако смета дека тој не е насловен до него бидејќи не се користи уставното име.
Ако сепак, ја прифати тогаш работните тела нема да го разгледуваат овој дел од Инцијативата. Тие, според владејачките пратениците, ќе бараат процедурални недостатоци околу тоа што е целта на референдумот и дали Иницијативата е образложена. Рокот да се произнесат Комисиите е два дена. Во случај да ја сметаат за неуредна, за Инцијативата треба да се произнесе пленумот на првата наредна седница.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
