Македонија
19. July 2022 - 16:38

Што содржат декларациите за македонскиот јазик?

Македонскиот јазик и неговото кирилско писмо е службен јазик на целата територија на Македонија и согласно светска лингвинстичка наука тој има свој специфичен развој. Сите документи што се склучуваат со Европската унија, меѓу кои и ФРОНТЕКС треба да се потпишат со поименично наведување на македонски јазик без било какви објаснувања, додавки или фусноти.

Ова е само дел од содржината на македонската изјава за јазикот која МНР ја испрати до Брисел, како дел од обврската од преговарачката рамка со ЕУ:

„Во текот на преговорите за пристапување се до нивното завршување со склучување на Договор за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ и по приемот во полноправно членство во ЕУ, Северна Македонија нема да прифати да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик од тоа наведено во Преговарачката рамка. Со приемот на Северна Македонија во полноправно членство во ЕУ, македонскиот јазик треба да стане еден од службените јазици на ЕУ“, стои во изјавата.

Во нејзе, меѓу другото и се вели и дека македонскиот јазик е дел од групата на јужнословенски јазици и дека се изучува како таков на многу светски катедри за славистика.

„Литературниот македонски јазик е кодифициран во 1945 година. Согласно сознанијата утврдени со акти, широко прифатените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика и лингвистичката наука, македонскиот јазик има свој јазичен, просторен и временски континуитет. Македонскиот јазик беше признаен од Третата Конференција на ОН за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977 година“, пишува во македонската изјава.

Синоќа и Бугарија ја објави својата еднострана изјава за македонскиот јазик.

„Создавањето на ‘македонски јазик’ во 1944-1945 година во поранешна Југославија беше чин на секундарна кодификација (ре-кодификација) врз основа на бугарскиот литературен јазик, дополнително ‘збогатен’ со локални форми, со што се симулира ‘природен’ процес заснован на дијалектна форма“, пишува во бугарската изјава.

Во изјавата изречно стои дека Бугарија не го признава македонскиот јазик и за нив важи само одредницата од Договорот за добрососедство.

„Секое повикување на официјалниот јазик на Република Северна Македонија во официјални/неофицијални документи/позиции/изјави и сл. на ЕУ и нејзините институции, органи, служби и агенции треба да биде сфатено строго во согласност со Уставот на оваа држава и во никој случај не треба да се толкува како признавање од страна на Република Бугарија на ‘македонски јазик’“, пишала официјална Софија до Брисел.

Во преговарачката рамка за Македонија стои дека „Северна Македонија ќе треба навремено да направи преводи на правото на ЕУ (acquis) на македонски“, но стои и дека во однос на преводите ЕУ ќе ги зема предвид соодветните еднострани декларации на Бугарија и Северна Македонија за македонскиот јазик.