Нема договор за собраниската седница за предлог-преговарачката рамка - опозицијата бара дополнителни материјали
Нема договор за тоа кога би се одржала седницата на која пратениците треба да расправаат по доставената Информација за преговарачката рамка во врска со францускиот предлог. Нема договор ни како ќе се одвива текот на седницата, колку ќе трае и на што точно ќе се однесуваат заклучоците од ваквата седница.
На координацијата кај спикерот Џафери на која присуствуваше и вицепремиерот за европски прашања Маричиќ дискусијата се свела на тоа дали има доволно материјали за расправа по предлогот. Опозицијата покрај трите документи од францускиот предлог, но и билатералниот протокол со Софија бара и јавна дискусија со експерти.
И од Социјалистичката партија на Македонија реагираат на тоа што Владата до парламентот не го доставила целосниот предлог од ЕУ за почеток на преговорите.
-До ден денешен Владата сè уште го крие и го нема доставено двостраниот македонско-бугарски протокол. Индикативна е и воздржаноста на собранискиот спикер затоа што тој, наместо да молчи, е обврзан или да ја врати Информацијата или да ги побара сите документи кои не се доставени до законодавниот дом, а со тоа на пратениците да им обезбеди услови за водење дебата. Во спротивно, ќе се потврди неговата неподготвеност за почитување на собранискиот Деловник и сервилноста кон извршната власт“, реагираат од СПМ и укажуваат на тоа дека Владата го игонирира расположението на народот во врска со овој предлог.
Од кабиентот на Џафери пак, велат дека не постоела деловничка можност да се интервенира во материјалот доставен од Владата.
-Претседателот ја доставува Информацијата до пратениците во форма во која што е добиена и нема надлежност да навлегува во нејзината содржина. Во исто време, нема деловничка одредба која што му овозможува на претседателот да ја врати информацијата до предлагачот. Според процедурата, Информацијата која што е на дневен ред на пленарна седница, се усвојува со донесување на Заклучоци по однос на Информацијата”,коментираат од кај Џафери по координацијата.
Од таму информираат дека Маричиќ презел обврска до Владата да ги пренесе барањата на опозицијата за дополнителни материјали.
Од владејачката коалиција стојат на ставот дека материјали за дискусија има, особено за тоа што се јавно достапни на владината страница.
Сепак, иако го поддржуваат францускиот предлог од СДСМ и ДУИ немаат одговор кога би се одржала седницата и дали се тактизира со датумот за нејзино одржување додека не се смират реакциите на граѓаните.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
