Македонија
2. July 2023 - 16:32

Нема лекари, нема болници, има пенали и странски адвокати за здравството

Во велешката болница нема специјалист по трансфузиологија и уво нос и грло, а годинава во пензија ќе заминат најмалку 10 лекари.

Во битолската ,,Др. Трифун Пановски'', иако уште пред неколку месеци тогашниот директор алармираше за недостигот на кадар, досега не добиле позитивен одговор. Во оваа установа според сегашното раководство недостига медицински персонал од сите профили.

Исто е и во Штип каде во моментот има оглас за 16 вработувања, но им фалат уште трипати повеќе здравствени работници. Министерот Меџити пред еден месец кажа дека не седат со скрстени раце. А додека тие работат лекари си одат од јавно во приватно како што е последниот случај од Урологија. 

- Имаме пренасочено во Mинистерството за финасии. Не седиме со скрстени раце а ќе има и една посебна седница на Влада за здравство каде ќе разговараме баш за овие работи, изјави Фатмир Меџити министер за здравство (05.06.2023).

Засега нема најави од Владата дали и кој ден ќе го посветат на здравството, а не кажуваат официјално и кој ќе ја застапува државата во арбитражната постапка за неизградениот клинички центар.

Неофицијално, странска адвокатска компанија ќе ги брани нашите интереси во судот во Париз пред барањето на италијанците за плаќање отштета од почетни 18 милиони евра. За ова денеска реагираа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека се трошат народни пари за ништо. 

- Доколку се мислеше за јавното здравје и здравјето на граѓаните, тие до сега ќе изградеа клинички центар. Сведоци сме само за трошење на народни пари и ништо повеќе. Никаква инвестиција во медицинскиот персонал, ниту пак кадровска политика, никаква инвестиција во услови за работа и ниту пак за лекување на пациенти, никаква инвестиција во инфраструктура која што се заснова најчесто на донации - истакна Николов. 

Нов Клинички центар нема а нема ниту најава дали, кога и каде би била изграбата. Но изминатите 15 години нов клнички комплекс беше приоритетно ветувања на многу министри и влади.