Македонија
11. July 2023 - 16:38

Наместо во подобри услови во здравството, парите на граѓаните се трошат за пенали

За 32 години независна држава, на една рака можат да бидат изборени изградени капитални здравствени објекти. По раскинување на договорот со грчката фирма, граѓаните од источниот регион во земјата уште долго ќе чекаат на нова  и современа болница. Од друга страна  Милионски суми ќе отидат за плаќање на пенали поради неизградениот клинички центар наместо за неопходна инфраструктура. Изградената болница во Козле, ургентниот хируршки центар во Куманово и доградбите во струмичката и охридската болница чинат многу помалку од почетните 18 милиони евра што ги бара инталијанската компанија, а клинички нема. Го допре ли здравствениот систем дното?

-Чувството е дека сме до дното. Пред 20-30 години немавме тавок лош систем. Недостига континуитет, стратегија и затоа сме дојдени до ситуација секоја година да се крпиме, да се трошат милиони за реновирање и реконструкции и пак фали простор. Се менуваат приоритетите и стратегиите како што се менуваат владите и министрите и затоа сме во ваква ситуација, вели Имер Селмани, поранешен министер за здравство.

Селмани вели дека уште на времето кога бил министер за здравство го утврдиле приоритетот од   нов клинички центар. Но сега, 16 години подоцна не сме ниту на повидок од удирање на темели иако ковид пандемијата покажа колку е голема потреба од инфратруктурни капацитети.

- Ни одат и милиони во раскинувањето на договори и ни одат и милиони во лекувањето во приватни болници. Затоа неопходно е брзо да се најде начин – најмалку за почеток нов клинички центар и неколку болници низ државата како регионални центри, вели Селмани.

Пред две недели министерот за здравство го раскина договорот со компанијата која требаше да ја изгради новата клиничка болница во Штип. Објектот е реализиран само 30 проценти а грчката фирма почна со градба уште во 2016 кога министер беше Никола Тодоров. Во времето на Филипче дојде до завршување на судскиот спор, Беким Сали ги молеше да почнат да работат а Меџити стави крај на соработката. Сега ќе има нов тендер, нова постапка, нова фирма и нов буџет за реализација на проектот.