Македонија
5. August 2026 - 21:17

МВР ќе истражува како бугарските пратеници влегле во Македонија и покрај забраната

Полицијата ќе истражува како бугарските пратеници од партијата Преродба, Ангел Георгиев и Крсто Врачев кои имаат забрана за влез во Македонија, ја поминале границата минатата недела за да присуствуваат како поддршка на судење во кочанскиот суд.

Дека дошле во Македонија не е тајна, со оглед на тоа што на социјалните мрежи објавија фотографија со обвинетата Ива Михајлова од Кочани која има бугарско државјанство и е обвинета за сообраќајна несреќа со смртни последици, но според нив се води нефер судски процес. 

Дали пропуст направила македонската полиција, од МВР допрва ќе утврдуваат.

Доколку се утврдат евентуални пропусти или незаконито постапување од страна на службени лица, МВР ќе постапи согласно законските овластувања и ќе ги преземе сите соодветни мерки и дејствија, вклучително и поведување на соодветни постапки.

Но од министерството, не можат да споделуваат информации за влез и излез на лица од државата, освен од барање на надлежен државен орган. 

Според судска пресуда од 8-ми август минатата година од битолскиот суд, на 27 лица, сите пратеници на бугарската партија Преродба им се забранува влез во Македонија, бидеjќи лани во јули нелегално ја поминале македонско-грчката граница и нелегално престојувале во земјава повеќе денови. 

Нивното доаѓање во Македонија минатата недела е поради судењето каде е обвинета Михајлова, која на 7ми октомври направи сообраќајка при што од ударот во другото возило загинал патник. Оттогаш и се одземени и македонскиот и бугарскиот пасош и не смее да ја напушти Македонија, иако доставила медицинска документација дека треба да оди на лекување во Бугарија поради последиците од сообраќајката, но и дека таа не е виновна за трагичниот исход. Кочансиот суд два пати одби да и ги врати пасошите, бидејќи оцениле дека здравствената состојба не и е животозагрозувачка.

Пратеникот Врачев бара европски набљудувачи да присуствуваат на следните рочишта, да ги слушнат сведоците, да ги видат експертизите и самите да проценат дали постојат стандарди за фер судење.