Мицкоски во Њујорк се сретна со заменик секретарот Кристофер Ландау

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Њујорк оствари официјална средба со заменик-државниот секретар на САД Кристофер Ландау, јави специјалниот известувач на МИА од Њујорк.
На средбата од американската страна присуствувале и Брендан Харнахан, помошник-државен секретар за Европа и Даниел Лотон, заменик помошник-државен секретар за Европа во чиј непосреден ресор спаѓаат и балканските држави.
Официјалните средби со високата делегација на Стејт Департментот доаѓаат по средбата на премиерот Мицкоски со државниот секретар Марко Рубио вчера во Њујорк.
„Средбата беше можност за отворен и суштински разговор за стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави, за продлабочување на политичкиот и економскиот дијалог, како и за прашањата од заеднички интерес за двете држави. Во време на сериозни геополитички предизвици и промени во меѓународните односи, за нас е од исклучително значење да има силни, стабилни и принципиелни односи со своите стратешки партнери. Соединетите Американски Држави се наш долгогодишен стратешки партнер и сојузник, а директната комуникација на високо политичко ниво е важен дел од натамошното зајакнување на тие односи“, вели премиерот Мицкоски во објавата на неговиот Фејсбук профил.
Согласно објавата, особено е значајно што Владата има директен и отворен дијалог со американската администрација, и реализира средби на кои може јасно да бидат претставени македонските интереси и тие да бидат слушнати „таму каде што се разговара за важни регионални и глобални прашања".
„Разговаравме за можностите за унапредување на соработката во повеќе области, за економскиот развој и инвестициите, безбедноста и стабилноста на регионот, како и за улогата на земјава како сојузник во НАТО и партнер кој придонесува за регионалната стабилност. Македонија денес настапува со јасно дефинирани државни интереси и со определба тие интереси достоинствено и аргументирано да ги застапува пред своите партнери. Градиме односи засновани на меѓусебна почит, доверба и конкретна соработка која треба да носи резултати за граѓаните и за државата“, додава премиерот Мицкоски.
Тој истакнува дека „нашата политика е политика на достоинство, принципи и заштита на државните интереси“.
„Пријателствата не се градат со зборови, туку со доверба. Партнерствата не се мерат со протокол, туку со дела. А почитта кон една држава се гради со јасни позиции, достоинство и кредибилитет. Токму таква држава градиме. Исправена, со јасен став и сигурна иднина, истакнува премиерот Христијан Мицкоски од Њујорк.
МИА
Ново на Сител
-

Истрага за загрозување на животна средина
-

Филипче на средба со земјоделците
-

Со вежба за помош на мигранти во Струмица одбележан Денот на првата помош
-

Преглед на вестите од светот
-

Ѓорѓиевски: БРТ ќе почне да се гради идната година, до крајот на мандатот ќе биде функционален
-

Тема на денот со Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Скопје
-

Преглед на вестите од светот
-

Бајрами со лисици во Кривичен – не чувствува вина за случајот „Лотарија“
