Македонија
18. September 2026 - 21:10

Ѓорѓиевски: БРТ ќе почне да се гради идната година, до крајот на мандатот ќе биде функционален

Изградбата на БРТ во Скопје треба да почне во втората половина од следната година. Градоначалникот Ѓорѓиевски очекува до крајот на мандатот да профункционира. До 2 ноември може да се пријават компаниите заинтересирани да ја градат трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче. Потоа ќе се избере фирма која ќе го проектира и изведува проектот. Во втората фаза е предвидена и набавка на околу 40 нови автобуси.

„Наместо на средината да се отстранува средишното зеленило, автобусите да одат од левата и од десната страна, притоа да го задржиме средишното зеленило и да се додадат уште две траси од страните“, вели Ѓорѓиевски.

БРТ е само еден дел од планот за подобрување на јавниот превоз. Ѓорѓиевски очекува и новите автобуси за ЈСП да пристигнат во предвидениот рок. Станува збор за набавката од 150 автобуси за општините, од кои 100 се наменети за Скопје.

Во меѓувреме, градот ја подготвува инфраструктурата.

„Работиме на подготовка на трасата со полначи. Во моментов работиме и на Автокоманда, таму станува збор за високо напојување, поголем капацитет треба да има, некаде не задоволуваат услови, потребната инфраструктура којашто ја имаме. Значи и Автокоманда, и на Нова железничка, но и во и во Ѓорче Петров. Ќе треба некаде и ЕВН да интервенира“, рече тој.

Паралелно, Градот Скопје и „Железници Транспорт“ работат на воведување единствен билет за градскиот воз и автобусите. Целта е патниците со една картичка да можат да продолжат со друг вид превоз без повторно да купуваат билет.
„Желбата ни е до средината на наредна година ние да имаме еден функционален билет, односно една картичка со којашто граѓаните нема да губат време“, вели Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски најави и забрзување на повеќе сообраќајни проекти. Подземната сообраќајница кај „Лимак“ треба целосно да биде завршена во 2028 или на почетокот на 2029 година. Првата фаза од страната на Кисела Вода е завршена, а во тек се работите на продолжението.

Се работи и на мостот кај спортската сала „Јане Сандански“. Експропријацијата е завршена, објектите се отстранети, а во следните 20 дена се очекува да завршат подготовките за тампонирање и асфалтирање.

Во напредна фаза е и проектот за мостот кај Љубљанска, кој треба да отвори нова врска кон Карпош и Ѓорче Петров и да овозможи заобиколување на дел од сообраќајот низ градот.

Планот на градската власт е со БРТ, градскиот воз, новите автобуси и сообраќајници да се создаде пофункционален систем на јавен превоз и да се намали сообраќајниот метеж во Скопје.