Македонија
21. September 2026 - 16:37

Физички нападнат гинекологот Огненовиќ додека прегледувал пациенти во својата ординација

Гинекологот Дејан Огненовиќ заврши со скршен вратен пршлен по физички напад во својата ординација. Напаѓач влегол среде бел ден додека прегледувал пациентки и најпрво со вербални закани, а потоа и физички го нападнал докторот кој работи во рамките на поликлиниката „Букурешт“ во скопски Карпош.

Според сведоштвото на докторот Огненовиќ за Сител, нападот е последен во низата закани кои ги трпел изминатиот период, а мотивот според него е тој да биде отстранет и преселен од оваа ординација од страна на конкуренцијата.

Неколку дена пред нападот, две женски лица облечени во бели медицински мантили залепиле црна лента врз камерите од видеонадзорот во ординацијата за да го оневозможат снимањето, а претходно бил пресечен и интернет-кабелот, тврди докторот. Огненовиќ вели дека камерите биле поставени поради тоа што во неколки наврати исчезнувале медицински досиеја за пациенти.

Според медицинската документација од ТОАРИЛУЦ констатирана е дијагноза скршен втор вратен пршлен, а во првите часови по нападот имал потешкотии со вилицата и движењето на рацете.Случајот е веднаш пријавен истиот ден на 16 септември но оттогаш, докторот вели дека не добил никаква информација од надлежните а според неговото сведоштво, напаѓачот бил се уште на слобода. Огненовиќ стравува за неговата и безбедноста на неговото семејство.

СВР Скопје презема мерки за целосно расчистување и документирање на случајот. По целосно документирање, до надлежното Јавно Обвинителство ќе биде поднесена соодветна кривична пријава - велат од МВР.

Оваа гинеколошка ординација е веќе две ипол години земена под концесија од д-р Огненовиќ, како што се и неколку други во истата поликлиника.