Мицкоски предлага парламентарни и претседателски избори во април помеѓу Велигден и Рамазан Бајрам
Премиерот Ковачевски да избере датум за избори. Ваква понуда испрати првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ на свечениот настан по повод Денот на македонската револуционерна борба.
Според Мицкоски, крајно време е да се договори датумот за избори.
- Оваа влада преку одбегнување да се договори датум за избори оди кон свесно предизвикување на уставна и политичка криза. Срамота е што преку медиуми се договараваме и лиферуваме датуми за редовни избори. Нека земе бел лист хартија нека напише било кој датум сака помеѓу двата најголеми верски празници идната пролет и да одржиме парламентарни и претседателски избори на еден трошок.
Во говорот рече дека важно е да влеземе во Европската Унија, но и важно е ЕУ да разбере дека Македонија предолго е пред портите на Брисел и дека тоа со право создава чувство на неправда кон македонските граѓани.
Мицкоски ја критикуваше власта дека на функција дошла благодарение на паролата „нема правда, нема мир“, но токму таа парола ја искористила за политички прогон врз челниците од опозицијата. Според Мицкоски, осудените за случувањата на 27 април не се заборавени.
-Таа работа не е завршена, додека постои ВМРО-ДПМНЕ, додека јас сум претседател не е завршена. Тие луѓе не бараат амнестија, тие не сакаат да бидат во ист кош со убијци, рекетари и криминалци. Тие луѓе бараат правда и веднаш по формирањето на новата влада ВМРО-ДПМНЕ, ќе го покрене прашањето за вистинска правда за нашита бранители, за нашите уставобранители. Важно е да се бориме за неселективна правда, за вистинска правда која ќе биде за секого. За секој еден човек во Македонија. За правда која ќе го заштити народот од неправда, каде ќе профункционира судството и обвинителството, рече Мицкоски.
Претседателот на најголемата опозициска партија ја критикуваше власта и за тоа како се справува со економската криза. Според него, сиромаштијата е висока, а во иднина ќе се зголемува уште повеќе.
-Во земјава на крајот од годинава ќе има околу 600 илјади луѓе кои ќе живеат во сиромаштија, што е секој трет човек. Со само 60 денари на ден преживуваат 80 илјади граѓани. Со 150 денари на ден живеат 600 илјади луѓе. Бројката на граѓани кои живеат во умерена сиромаштија се зголемува. Пред неколку години таа бројка била околу 360 илјади луѓе. Погледнете ги семафорите, раскрсниците на булеварите. Нема крстосница каде нечива рака на граѓанин не моли за некој денар, кажа Мицкоски.
Според Мицкоски, важно е обединување за Македонија да застане на нозе.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
