Мицкоски: Канцер мафијата се уште работи на Онкологија
Скандалот на Онокологија се уште трае, тврдат во ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицискиот лидер денеска објави документација според која на Онокологија и оваа година незаконски се набавувале лекови, пациентите во торба си ја земале хемотерапијата и ја примале по други болници, а надлежните набавувале лекови и во ситуација кога имале полни магацини со залихи.
Според вонредната финансиска контрола на Фондот за здравство која оваа пролет ги чешлала набавките на Онкологија констатирано е дека веледрогериите доцнат со испораката на лекови поради што пациентите остануваат без терапија, а за сето тоа болницата молчи за, како што вели Мицкоски, да не и даде негативни референци на омилената веледрогерија на власта по што таа не би можела да учествува на тендери.
Мицкоски објави дека и покрај тоа што во Онкологија имало 1,5 милијарди денари лекови на залиха, истите тие лекови клиниката повторно ги набавувала. Според него, нема никаков траг за тоа што се случувало со вишокот хемотерапија, кој ја примал и каде завршувала таа.
Мицкоски побара да се прошири работата на Анкетната комисија во Собранието и да го опфати работењето на клиниката и во периодот на последните 2 години. Побара поголема ангажираност од обвинителството изразувајќи сомнеж дека до крајот на мандатот на оваа власт, случајот Онкологија ќе мрдне на некое ниво што е над пред истрага.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
