Македонија
26. јуни 2023 - 16:51

Мерко се огласи на ФБ - Со заеднички фотографии со Агелер најави соработка со истрагата

Мерко најавува соработка со истражните органи. Струшкиот градоначланик кој на американската црна листа се најде токму поради мешање во судството, по 6 дена молк денеска преку ФБ под заедничките слики со амбасадорката Агелер ветува транспарентност во постапките против него.

- Од Претседателот Вилсон па сѐ до ден денес, Соединетите Американски Држави се наш сојузник во секој предизвик и заедно реализиравме многу значајни проекти за државата, градот и граѓаните на Струга.

По најновиот развој на настаните во врска со одлуката на американскиот Стејт Департмент, не сакав да комуницирам во корист на процесите, за кои ќе бидам отворен како и секогаш за поддршка на правдата и за секој процес пред правосудните органи. Oд страна на институцијата Општина Струга, како и од моја страна, ќе ја доставyвам навреме и што е можно поскоро секоја потребна документација, бидејќи секогаш сум бил транспарентен за органите на правдата и за сите други институции, пишува Мерко на ФБ.

И премиерот Ковачевски очекува истражните органи, а не Владата, да ги расчистат сите сомнежи за криминали и корупција 

„Гледав од утрово дека тој на социјалните медиуми има една беседа за Вудро Вилсон со американски знамиња итн., и каде што кажува дека Општината е отворена за сите истражни органи коишто треба да ги испитаат наводите и основите врз основа на кои тој се најде на ’црната листа’. Тоа што тој го избеседи утрово јас го кажав и првиот ден, дека Општината треба да биде веднаш на располагање, да бидат направени сите проверки. Добро е што Јавното обвинителство веќе формирало комисија која тоа треба да го испита и на таков институционален начин треба да функционира државата“, рече Ковачевски. 

Мерко има обврска да соработува со институциите, и тоа не треба да се поздравува како негова добра волја како што прави Ковачевски, реагираше ВМРО-ДПМНЕ.

ЈО и другите институции имаат право да извршат увид во вкупната документација на општина Струга и се што е поврзано со Мерко, ако отворат случај, и тоа не е на волја на Мерко дали ќе им дозволи или не.

Ковачевски наместо да биде поданик на ДУИ како што тоа го прави откако е премиер, треба да побара одговорност од Мерко, се вели во соопштението на опозицијата.

Вмешаност во значителна корупција, присвојување средства и мешање во судски и други процеси, пред една недела го ставија струшкиот градоначалник на американската црна листа. Амбасадорката Агелер најави дека Мерко нема да биде единствен македонски функционер на оваа листа.