Маскирани членови на „Златна Зора“ упаднаа на изложбата на уметникот Андреевски во Солун
Маскирани членови на Златна зора упаднале на изложбата на македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски во Солун. Инцидентот се сличил доцна синоќа, а на снимките објавени во грчките медиуми се гледа како 15члената група вербално го напаѓа Андреевски, ги отстрануваат неговите дела и му порачуваат дека нема право да биде тука.
На крајот напаѓачите ја запечатиле галеријата и залепиле плакати со порака до властите:
Се забранува секаква реклама или отстапување на јавен простор со пари од грчките граѓани за организации или личности како што е Сергеј Андреевски, кои ја поткопуваат грчката историја, го оспоруваат грчкиот карактер на нашата земја, ги отстапуваат нашите национални симболи и одобруваат криминал врз Грците, пишува на плакатот.
Реакција пристигна од МНР. Оттаму информираат дека иако инцидентот минал без повредени и без материјална штета, известени се и полицијата, Амбсадата во Атина и грчкото МНР
Во текот на денешниот ден, во МНР е повикана и грчката амбасадорка Софија Филипиду, при што и формално ќе бидат упатени очекувањата од нашиот сосед да бидат преземени сите мерки за откривање и процесирање на сторителите, посочуваат од МНР.
Грција нема да толерира т.н. паравоени нацистички групи, беззаконие и заплашување на граѓаните е ставот и на грчката влада. Инцидентот го осуди и партијата СИРИЗА.
Инаку Златна зора од парламентарна партија, со судска пресуда од пред три години е прогласена за криминална организација, а нејзини членови и поранешни пратеници издржуваат и затворски казни.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
