Македонија
12. July 2023 - 16:33

Маневски поднел кривична пријава за Коридорите, Обвинителството ја ставило во процедура

Екс министерот за правда поднел кривична пријава за изградбата на Коридорите. Михајло Маневски бара обвинителството да ги гони премиерот Ковачевски, вицепремиерот Груби, министрите Маричиќ и Бочварски како и директорот на патишта Рустеми. На 27 страници навел докази според кои смета дека овие петмина треба да одговараат за злоупотреба на службената положба и овластување.

Од обвинителството потврдуваат дека пријавата ја примиле уште на 30 мај и веднаш ја распоредиле кај надлежен обвинител.

„Тој ја проучи пријавата по што на 15.06.2023 година донесе одлука со која дел од пријавата достави на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Во останатиот дел од пријавата јавниот обвинител продолжи да постапува.“ – велат од Обвинителството за Сител.

Обвинителството за гонење на организиран криминал уште во март годинава отвори предмет по допрен глас за надзорот на изградбата на коридорите. Од почетокот на април па се до крајот на мај, владата низ Собранието бараше законски измени врз основа на Договорот со Бехтел и Енка кој се уште го крие од јавноста. Откако опозицијата одби да да гласа на слепо, Владата ги повлече законските измени и повторно ги врати во Собранието но со европско знаменце што наиде на остри критики од Брисел. На почетокот на мај, обвинителството конечно ја доби целата верзија од договорот и во моментов е единствената институција која ги има деталите, имајќи предвид дека и пратениците но и антикорупционерите добија цензурирана верзија.

До овој момент на Бехтел и Енка им имаме платено 170 милиони евра. Добивме три забави за камен темелник и неколку дупки за геолошки истражувања.