Лекарската Комора во заштита на лекарите од битолската болница
Да престанат вербалните напади, навреди и притисоци кон докторите од битолската болница поврзани со смртта на малата Јана, повикува Лекарската Комора. Велат дека иако обвинителството и Судска медицина не открија лекарска грешка во третманот на девојчето, неоправдано било создавање јавно мислење дека сите лекари во државата вклучувајќи ги и битолските работат нестручно.
- Неоправданиот притисок што се прави врз лекарите создава услови за нивно заминување од јавното здравство, што е примарно на штета на пациентите, стои во соопштението.
- Од Комората побараа и медиумите да ги почитуваат професионалните стандарди и да се базираат на проверени информации. Секое ширење на шпекулации создава дополнителна општествена штета, констатираат од ЛКМ.
И додека од Лекарската Комора посочуваат дека надлежните институции во земјата се тие кои даваат официјални мислења врз база на факти, семејството на починатата Јана не се согласува со ставот на обвинителството дека нема кривично дело во случајот. Деновиве во консултација со нивниот правен застапник велат дека ќе одлучат кога и каде ќе побараат дополнително вештачење и експертиза за смртта на Јана која почина на 22 март само неколку часа по прием во педијатриското одделение.
Повеќе од два месеци извештај чека и Викторија Крстевска чиe новороденче почина неколку часа по раѓањето во битолската болница.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
