Ќе му биде ли одземено државјанството на Онишченко?
Постои можност да се поништи македонското државјанство на Украинецот Олександар Онишченко кој доби пасош и покрај тоа што е на црната листа на САД и по него има меѓународна потерница, тврдат правните експерти. Откако веќе е утврдена одговорност за безбедносната проценка од страна на Агенцијата за национална безнедност, екпертите советуваат Владата да го поништи решението за државјанството на Онишченко како ништовно.
„Владата може да го поништи решението за доделување државјанство. Кај поништувањето, одлуката има ретроактивно дејство и сите правни последици се бришат. Тоа значи дека се брише лицето од списокот на државјани и се бришат личната карта и пасошот. Постои и втора можност, а тоа е да се укине решението, но при укинувањето (кое е различно од поништувањето), во иднина ќе му останат и личната карта и пасошот“, објаснува професорот.
Премиерот Ковачевски пак, резервиран за тоа дали ќе се поништи македонскиот пасош на контроверзниот Украинец откако АНБ суспендира двајца оперативци што не ја извршиле потребната безбедносна проверка.
Ковачевски вели прво сака да го чуе отчетот на првиот човек на АНБ Виктор Димовски на затворена владина седница, но нагласува дека одлуките ќе се носат согласно позициите на стратешките партнери.
Во меѓувреме, собраниската комисија за надзор на АНБ пред која реферираше Димовски и призна пропусти на Агенцијата не продолжи со работа откако тонски протече неговиот отчет и покрај тоа што седницата беше затворена. Работата на Комисијата е суспендирана од собранискиот претседател Џафери се додека трае истрагата за безбедносниот инцидент, но нема објаснување од кабинетот на спикерот зошто Комисијата не може да продолжи во друга собраниска сала или пак, под посебни безбедносни протоколи.
По признанието за пропусти на АНБ, опозицијата очекува одговорност од директорот Димовски, како и повлекување на неговата кандидатура за амбасадор во Франција.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
