Ќе има ли „меѓу-празнични“ консултации за Уставот?
И власта и опозицијата по Божиќните празници почнуваат трка по пратеници. Првите за да го обезбедат стартот на уставните измени со најмалку 80 гласа во Собранието, вторите за да предизвикаат распуштање на парламентот со 61 пратеник за избори.
Бујар Османи од името на ДУИ веќе официјално потврди дека стартуваат јавни дебати на тема уставни измени што главно ќе се одржуваат во парламентот. Почетокот на консултациите со невладини организации, експерти, но и со партии и пратеници за неколку дена од сега, веднаш по Божиќ, го потврдија и од СДСМ.
Прва можна консултација за тоа како би се одвивал процесот во Собранието ќе биде на 9 јануари на редовна координација кај собранискиот спиекр Талат Џафери
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пак, се уште тврди дека пратеници на СДСМ и ДУИ пред се би гласале за предвремени избори за крај на оваа владина коалиција.
Од СДСМ демантираат дека има народни избраници кои би поддржале распуштање на парламентот. Како невистина ги оценија информациите дека во владејачката партија постои струја про-Заев која бара предвремени избори за влада СДСМ со ВМРО-ДПМНЕ без ДУИ.
Власта планира уставните измени да се отворат најдоцна до крајот на февруари, за да финишираат на есен. Опозицијата пак, бара процесот со распуштање на собранието и техничка влада да почне во јануари за да резултира со избори во мај.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
