Кибер-криминалците бараат стотици илјади евра откуп, Германија главна цел во ЕУ

Германија е најпогодената европска држава од рансомвер-напади, а голем дел од инцидентите можат да се поврзат со Русија, изјави германски експерт за кибер-безбедност, пренесува ДПА.
Кристијан Дер, експерт за кибер-безбедност во Институтот „Хасо Платнер“ (ХПИ) во Потсдам, го изјави тоа во пресрет на националната конференција за кибер-безбедност, што ќе се одржи утре во овој град.
Рансомвер-нападите подразбираат употреба на злонамерен софтвер кој ги шифрира податоците и информатичките системи, при што кибер-криминалците бараат откуп од жртвите за нивно повторно отклучување.
– Германија е европското жариште за рансомвер-нападите – рече Дер. Според него, растот на ваквите напади е речиси двојно поголем отколку во Франција, која е втората најпогодена членка на Европската Унија.
Тој наведе дека барањата за откуп во просек достигнуваат стотици илјади евра. Дополнително, нападите често предизвикуваат повеќенеделен прекин на работата, што може да доведе и до банкрот на компаниите.
Според Дер, Германија заостанува во подигнувањето на свеста за кибер-безбедноста, иако располага со бројни високоиновативни компании и светски пазарни лидери, што ја прави привлечна цел за кражба на вредни информации.
– Со години заостануваме во глобалните споредби – истакна тој.
Дер додаде дека во моментов најголем процентуален пораст на нападите се забележува во јавната администрација, каде што структурните особености го отежнуваат воведувањето ефикасни безбедносни мерки.
Според него, највисоките исплати за откуп се регистрираат во здравствениот сектор. Криминалците не крадат само деловни податоци, туку и чувствителни здравствени информации за пациентите, кои имаат висока вредност на црниот пазар и можат да бидат искористени за дополнителни уцени.
Во минатото, рансомвер-нападите привремено парализираа болници, општински администрации и транспортни оператори.
МИА
Ново на Сител
-

Трипуновски: Од почетокот почнавме со решавање на наталожените
-

Струмичкиот музеј чува модел на фудбалска топка од финалето на првото Светско првенство во Уругвај
-

Јаневска од Штип - од есен реновирање на 7 студентски домови во државата
-

„Стоп за Усје“ на протест – граѓаните бараат Министерството да не и даде нова лиценца на компанијата
-

Тема на денот со проф. д-р Константин Димитров
-

Протестен марш ,,Стоп за Усје‘‘ против аерозагадувањето
-

Повеќе пари за инвестиции, земјоделие, образование: Владата го усвои ребалансот на Буџетот
-

Мицкоски: Дипломатската нота за патувањето на моето семејство ги радикализира односите со Софија
