Loading Video...
Свет
24. јуни 2026 - 19:42

Преглед на вестите од светот

Никој од надвор да не се меша. Само земјите од регионот треба да го одредуваат политичкиот и безбедносниот поредок на Блискиот Исток. Претседателот на иранскиот парламент ги даде своите коментари на состанокот на Парламентарната унија на Организацијата за исламска соработка во Баку, додека Иран и Соединетите Американски Држави се обидуваат да заклучат договор за траен мир. Неговите изјави беа емитувани на државната телевизија.

„Храбриот отпор на вооружените сили и херојската истрајност на народот на улиците придонесоа Иран да им наметне огромни трошоци на Соединетите Држави и на нелегитимниот израелски режим. покрај сите страдања и загуби што Исламската Република Иран ги претрпе во неодамнешната наметната војна, таа инсистира на еден суштински принцип: претпочитање на логиката пред силата и на отпорот пред капитулацијата“, изјави претседателот на иранскиот парламент.

Двете страни минатата недела потпишаа меморандум за разбирање од 14 точки, во кој се утврдени широки принципиелни договори за ставање крај на војната. Привремениот договор го поплочи патот за 60-дневни преговори со цел да се разработат поосетливите детали, вклучувајќи ги и прашањата поврзани со нуклеарната програма на Иран.

Не попуштаме пред ултиматуми. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров со нова остра реторика пред медиумите. Посочи дека Русија останува посветена на договорите постигнати меѓу претседателите Владимир Путин и Доналд Трамп на самитот во Алјаска минатиот август и  предупреди дека не е подготвена да донесува никакви други привремени одлуки или да попушта пред ултиматум.

„Топката денес не е кај нас, иако тие сè повеќе се обидуваат да ни ја префрлат од офсајд позиција, да се изразам со јазикот на сега популарното Светско првенство. Тоа нема да помине. За Русија ова е прашање од принцип и ние секако нема да губиме време на привремени преодни решенија, а уште помалку ќе прифаќаме ултиматуми диктирани од некој друг, изјави Лавров.

Руските официјални лица редовно се повикуваат на таканаречениот „Дух на Енкориџ“ – што, според аналитичарите, е кратенка за она што Москва го протолкува како можен договор според кој украинските сили би се повлекле од остатокот од Донбас што не го контролираат, во замена за замрзнување на линиите на фронтот на другите места од страна на Москва. Киев постојано ставаше до знаење дека нема да препушти ниту еден дел од својата територија на Русија без борба.

Топлотен бран во Лондон. Посетителите се жалат на наглиот пораст на температурите ширум главниот град, додека топлотниот бран низ Велика Британија продолжува и денеска. Патувањето низ и кон градот се покажа како напорно на спарните температури, а граѓаните велат дека жештината е сериозен проблем во возовите без клими.

„Тешко ми паѓа патувањето до Лондон бидејќи патувам со возови кои немаат секогаш климатизација. Денеска е навистина топло, но мислам дека најмногу се плашам од патувањето кон дома — тогаш ќе биде уште полошо, изјави патничка.

Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство, издавајќи го дури својот втор предупредувачки аларм за здравјето и жештините по оној во 2022 година, соопшти дека постои ризик по животот дури и за здравите луѓе и ги советуваше постарите лица да бидат дополнително внимателни.

Јунскиот топлотен бран следи по рекордниот мај, кога во земјата беше забележан најтоплиот ден за тој месец, со измерени 35,1 Целзиусов степен.