Трамп го нападна Сенатот поради изгласаната резолуција против продолжувањето на војната против Иран

Претседателот на САД, Доналд Трамп го нападна Сенатот поради тоа што изгласа резолуција против продолжувањето на војната против Иран.
Тој ги обвини сенаторите дека со гласањето директно го помагаат непријателот и ја отежнуваат работата на администрацијата.
– Значи, го имам Иран на „јажиња“, подготвен да падне, подготвен да ни даде практично сè, и првпат по децении, се почитуваат САД и нивниот претседател, МЕНЕ, а Сенатот на САД одлучи да одржи лошо темпирано и бесмислено гласање за Законот за воени овластувања, објави Трамп на својата платформа „Трут соушл“.
Трамп ги нападна и сенаторите од неговата Републиканска партија поради нивната поддршка за Резолуцијата.
Тие ѝ кажуваат на државата број еден спонзор на тероризмот во светот дека на САД не им се допаѓа она што им го правам и оти морам да престанам, а со тоа му дадоа помош и утеха на Непријателот. Четворица републикански губитници гласаа со Думократите, а Иран ги праша моите луѓе: Што значи сето тоа? Овие сенатори само ми ја отежнаа работата, но ќе ја завршам, на еден или друг начин, бидејќи секогаш ја завршувам! Претседател ДЈТ, наведе Трамп во објавата.
„За“ резолуцијата гласаа 50 сенатори, а 48 се изјаснија „против“. Резолуцијата минатиот месец беше изгласана во Претставничкиот дом.
Првпат двата дома на Конгресот усвојуваат резолуција со која се бара од претседателот повлекување на американските вооружени сили од воена операција, откако е донесен Законот за воени овластувања во 1973 година.
Резолуцијата е изгласана по десеттиот обид. Демократите во Сенатот речиси секоја недела предлагаа резолуции за воени овластувања, но не успеваат да го соберат потребното мнозинство за усвојување во тесно поделениот Дом, каде што Републиканската партија на Трамп го има мнозинството.
Резолуцијата беше усвоена како одговор на воениот конфликт што почна на 28 февруари со американско-израелскиот напад врз Иран. Иако резолуцијата е во голема мера симболична, таа сигнализира поделби во Републиканската партија пред претстојните среднорочни избори во ноември, кога администрацијата планира да побара нови буџетски средства за финансирање на воени операции.
МИА
Ново на Сител
-

Метеоролозите предвидуваат „невиден“ Ел Нињо, 2027 ќе биде најтоплата година досега
-

„Секоја капка за Преспа“ со Андреа Соколовски | Неформално | Sitel Podcast 147
-

Иран предупреди дека ќе одговори „силно и разорно“ на новите закани од САД
-

Илјадници неисправни кондоми продадени низ Европа, апел до корисниците да се тестираат за сексуално преносливи болести
-

Нетанјаху го нарече Ердоган „антисемитски диктатор“
-

Сиљановска-Давкова: Верувајте во себе, докажете ја својата спортска посветеност, искористете ја младешката енергија и натпреварувајте се витешки
-

ЦУК: До 18:00 часот 14 пожари на отворен простор, од кои 8 се активни
-

Аргентинците добија високи казни за инцидентот по финалето на Мундијалот
