Македонија
19. April 2023 - 16:33

Катица Јанева на продолжен викенд, Јанкуловска на велигденски викенд во ќелија

Гордана Јанкуловска не доби отсуство да ги помине велигденските празници со семејството. Поранешната министерка за внатрешни работи која веќе одлежа две третини од казната за случајот Тенк, продолжениот викенд го помина во келија во затворот Идризово. Затоа, пак, екс специјалната обвинителка за Велигден беше во Гевгелија.  Дали има двојни аршини или не, став побаравме од управата во затворот од каде ни одговорија дека против Катица Јанева нема веќе никакви постапки а за Јанкуловска во тек се процеси за уште два случаи и од тие причини не добила право да си оди дома за празникот.  Сопругот на Јанкуловска не се согласува со ваквите објаснувања, за кои вели дека се апсурдни.

-Апсурдно е објаснувањето зашто не може да користи вакви погодности односно прогресирање во третманот што го има. Тој услов да не се водат други постапки е вметнат во правилник , додека, пак, во законот за извршување на сакции кој има поголема важност, нема такви услови. Дотолку повеќе што  сегашните одредби од законот налагаат да се интервенира во правилникот бидејќи самиот закон, односно, член 4 пропишува дека е забранета дискриминација, а во конректниот случај ја има, вели Влатко Илиевски сопруг на Гордана Јанкуловска

Илиевски вели да сакаат надлежните за еден ден можат да направат промени во правилникот, но ажурност нема од никој. За сопругот на Јанкуловска е апсурно ист третман да имаат и осудени за свирепи убиства и останати.

-Имате таму повеќе женски лица осудени за убиства со затворски казни од 3 до 8 години и тие користат погодности и одат на викенди. Дури замислете кога се на викенд прават нови кривични дела и повторно ги пуштаат, вели Илиевски.

 И Комисијата за заштита од дискриминација констатираше дека Јанкуловска како жена е дискриминирана во затворот во Идризово и и препорача на Управата за извршување на санкции да изготви нов акциски план. Дали во скоро време поранешната министерка ќе има право на викенд и работен ангажман ќе зависи од надлежните институции.