Македонија
12. September 2023 - 16:37

Каков Закон за амнестија подготвува Владата?

Законот за амнестија нема да ги опфати функционерите, кривичните дела на екс премиерот Груевски, ниту осудените за 27 април.

„Плус инфо“ повикувајќи се на извори од опозицијата објавува делови од законот кој го подготви Министерството за правда, но јавно се уште не е објавен.

Според оваа верзија на законот, целосно ќе бидат ослободени лицата осудени на казна затвор до 6 месеци, оние со затворски казни над 6 месеци ќе добијат за 30% намалени казни затвор.

Амнестијата нема да се однесува на лица осудени на доживотен затвор, осудени за убиство, силување, за кривични дела против избори, против државата, јавниот ред и мир, злоупотреба на функции и несовесно работење и за семејно и родово базирано насилство.

Според членот 3, амнестијата нема да важи за избрани и именувани лица, лица кои се бараат со потерница, оние кои биле амнестирани со претходниот закон од пред 5 години и за дела сторени по 1 септември.

Од Министерството за правда сепак велат дека оваа објавена верзија не е иста со предлог законот подготвен од нивна страна.

Посочуваат дека законот за амнестија е доставен до Влада и во јавноста ќе биде објевен веднаш откако ќе биде усвоен на седница и препратен до Собранието.

Од правда претходно брифираа дека законот ќе ги амнестира сторителите на полесни кривични дела, а целта ќе биде да се се реши пренатрупаноста во затворите.

Од близу 2400 затвореници во моментов, проценките се дека со законот за амнестија од затвор ќе излезат околу 1500.