Како функционирал „синџирот“ на даночни измами
13 газди на македонски компании судењето за даночно затајување ќе го дочекаат во притвор откако Кривичниот суд го прифати барањето на Обвинителството за организиран криминал за случајот „Синџир“. Уште едно лице доби куќен притвор додека 12 други останаа без пасош и добија обврска периодично да се појавуваат пред судот.
Обвинителството вчера рано наутро во координирана акција изврши претреси на повеќе локации во неколку градови низ Македонија при што приведени беа повеќе од 20 лица. Тие се сомничат дека преку повеќе од 20 фирми изготвувале лажни фактури а потоа искажаниот ДДВ фирмите кои ги примале фактурите го користеле за да плаќаат даночни долгови на трети фирми.
Како што објасни директорката на УЈП, фирмата А изготвува лажна фактура кон фирмата Б за услуга која никогаш не ја извршила. Фирмата Б иако не ја плаќа таа фактура го пресметува ДДВ-то како данок кој веќе го платила и истиот го побарува за поврат од држвата. За да не го привлече вниманието на УЈП со повратот фирмата Б со ДДВ- то кое наводно државата и го должи го плаќа данокот кој реално го должи фирмата В со што таа плаќа даночен долг со фиктивен поврат на ДДВ.
Оба што останува нејасно е што се случува со даночниот долг што го има фирмата А која ја изготвила лажната фактура и дали ова правно лице на крајот ќе заврши со блокирана сметка или можеби стечајна постапка.
Како што вчера објави Обвинителството оваа група во период од неколку години на овој начин му нанела штета на буџетот во износ од близу 8 милиони евра.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
