Македонија
6. April 2023 - 16:34

ИДСЦ: Воведувањето на една изборна единица може да донесе нови проблеми, актуелниот модел ја отсликува волјата на граѓаните

Дебатата за воведувањето на една изборна единица треба да се води внимателно. Истражувањата на Институтот за демократија покажуваат дека една изборна единица со праг од 5% наместо демократија, може да доведе до бришење на помалите политички партии од Собранието.

Според истото истражување и сегашниот изборен модел ја пресликува волјата на граѓаните. Споредбено со 32 европски држави, македонскиот е втор најпропорционален изборен модел кој во Собранието вклучува повеќе помали политички партии.

Воведувањето на една изборна единица е повеќегодишно барање на помалите партии. Изборните реформи ќе се договараат во рамки на работна група која ќе ја формира Министерството за правда, но засега без многу детали.

Промени на Изборниот законик бара и набљудувачката мисија на ОБСЕ ОДИХР во речиси секој постизборен извештај, но Македонија повторно не ја почитува главната забелешка на меѓународните набљудувачи дека изборни реформи не се прават во последната година пред изборите.